Собраниско раководство

Четврток, 6 февруари 2020

Потпишување на Договор за финансиски придонес

Собранието на Република Северна Македонија и Владата на Швајцарската Конфедерација претставувана од Федералното министерство за надворешни работи, дејствувајќи преку Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија/Швајцарската Агенција за развој и соработка, на 20 февруари 2018 година потпишаа Меморандум за разбирање на проектот „Програма за поддршка на Парламентот“.

За потребите на спроведување на Проектот, Амбасадата на Швајцарија/СДЦ го ангажира Националниот демократски институт за меѓународни работи и во тој контекст, денес, во Собранието на Република Северна Македонија, претседателот Џафери, од име на Управувачкиот совет за реализирање на Проектот и Роберт Скот Хејзлет, заменик-директорот на НДИ и воедно тим-лидер на Програмата за парламентарна поддршка, потпишаа Договор за финансиски придонес.

На чинот на потпишување, покрај претседателот Џафери, присуствуваше полниот состав на Управувачкиот совет, односно потпретседателите Мисовски, Ременски и Рамчиловиќ, координаторите Митревски, Алими, Мицески и Александрова и генералната секретарка Иванова.

Претседателот Џафери, потврдувајќи ја едногласната поддршка на развојните цели од страна на Управувачкиот совет а кои се во насока на зајакнување на уставно утврдената претставничка, надзорна и контролна улога на законодавниот дом и зголемувањето на неговата независност, функционалност, транспарентност, достапност и подобрување на интеринституционална соработка, рече дека ова е уште едно значајно достигнување за кое, имајќи ја предвид едногласната поддршка на усвоениот Стратешкиот план на Собранието и Меморандумот за разбирање на Проектот, уверен е дека ќе се продолжи од страна на следните парламентарни состави онака како што е предвидено во Планот за јавни набавки и прецизирано  во буџетските ставки.

Со Договорот, НДИ му дава на Собранието финансиски придонес во износ од 1.637.207,00 швајцарски франци и истиот ќе се користи за набавка на стоки, услуги и работи, вклучително и за внатрешни информациски и комуникациски системи, набавка на софтвер за поддршка на платформата за е-законодавство, софтвер за превод и развој на веб-страницата на Собранието, како и за набавки на опрема за развој на собраниското ТВ студио.

Роберт Скот Хејзлет ја потврди поддршката за реализација на Стратешкиот план на Собранието и во име на Програмата за парламентарна поддршка, која е поддржана од Швајцарија, се обврза да му даде на Собранието финансиска поддршка во текот на следните 2,5 години

Покрај овие активности, предвидени се и дополнителни, комплементарни активности согласно Акцискиот план и Отвореното владино партнерство. 

Амбасадорката Тејада, која присуствуваше на овој чин од име на Швајцарската конфедерација, се заблагодари на одличната соработка со претседателот Џафери и претставниците на Службата на Собранието и изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи  во истиот ритам и  во иднина. 

 

Click