Собраниско раководство

Петок, 26 октомври 2018 година

Проштална средба на претседателот Џафери со амбасадорката на БиХ во Република Македонија, Н.Е. Лепа Бабиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери оствари проштална средба со амбасадорката на Босна и Херцеговина во Република Македонија, г-ѓа Лепа Бабиќ.

На почетокот на средбата, претседателот Џафери изрази задоволство од досегашната успешна билатерална соработка и се заблагодари на амбасадорката за ангажманот во текот на нејзиниот мандат за зајакнување на пријателските односи меѓу двете земји. Тој подвлече дека заемната поддршка на Република Македонија и Босна и Херцеговина се потврдува со продлабочувањето на соработката меѓу двете држави во сите области - образование, култура, безбедност итн., со посебен фокус на заедничкото интегрирање во НАТО и ЕУ.  

Амбасадорката Бабиќ се заблагодари на можноста за средба и изрази уверување дека Република Македонија и Босна и Херцеговина ќе продолжат и понатака со одличната соработка во взаемната заложба за целосна Евроатланска интеграција на двете држави. Воедно, амбасадорката ги подвлече можностите за интензивирање на соработката во областа на образованието преку размена на студенти, зајакнувањето на економската соработка преку формирање на заеднички бизнис-клуб, зајакнувањето на културната соработка преку промоција на културните вредности на двете земји итн. 

Соговорниците исто така разговараа и за билатералните договори и меморандуми меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина а кои се од интерес за граѓаните на двете држави и се во завршна фаза, како што е овозможувањето на граѓаните на двете земји да ја преминуваат границата само со лични карти, признавањето на возачките дозволи во двете земји, можноста за отворање на авиолинија на релација Скопје – Сараево итн.

На крајот на средбата, претседателот Џафери и посака понатамошен успех на амбасадорката Бабиќ во нејзините идни ангажмани, изразувајќи надеж дека идната парламентарна соработка и зајакнувањето на директната и пријателската комуникација меѓу двете страни на сите нивоа ќе биде уште поинтензивна

Click