Собраниско раководство

Петок, 19 јули 2019 година, Вашингтон

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ДИРЕКТОРОТ НА НДИ ДЕРЕК МИЧЕЛ

Во рамки на учеството на претседателот Џафери заедно со делегацијата од Собранието на Република Северна Македонија на Парламентарниот форум за лидерство во Вашингтон, директорот на Националниот Демократски Институт, г. Дерек Мичел организираше заедничка средба на претставниците на парламентите на сите земји учесници на форумот. На средбата, г. Мичел им даде простор на претставниците на секоја земја поединечно да ја презентираат актуелната ситуација во нивните земји.

Во својата презентација, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, најпрвин изрази голема благодарност до Националниот демократски институт за долгогодишната безрезервна поддршка што ја дава, потенцирајќи дека сите активностите на НДИ се во полза на зајакнувањето на демократските процеси во земјата, зацврстувањето на независноста и транспарентноста на демократските институции, преку инклузија на граѓаните и експертската јавност, отвореност и отчетност на државните институции и се конкретно охрабрување дека сме на вистинската насока на движење и напредување на државата.

Претседателот Џафери истакна дека неговата крајна цел е Собранието на Република Северна Македонија како законодавна власт да биде независна институција од аспект на администрацијата, обезбедувањето и финансиите, иако и сега транспарентна во своето функционирање, сепак да биде уште потранспарентна со многу поцврст капацитет во вршењето на својата надзорна улога над извршната власт, улога која е задолжителна врз основа на Уставот на Република Северна Македонија.

„Ние, во Република Северна Македонија сме посветени на развојот и подобрувањето на демократијата и работиме посветено на спроведувањето на реформите, како што се реформите во областа на владеењето на правото, во правосудството, јавната администрација и борбата против корупцијата. Собранието на Република Северна Македонија е едно од најтранспарентните државни институции, кое посветува големо внимание на соработката со граѓаните, со другите јавни институции, како и на проектите кои се однесуваат на подобрувањето на работата на Собранието и неговото доближување до граѓаните“, заклучи Џафери.

По презентациите, директорот Мичел им се  заблагодари на сите што ги пренесоа различните искуства од нивните земји и констатираше дека, без оглед на фактот што сите доаѓаме од различни места, сепак се соочуваме со исти проблеми и ситуации.

Click