Собраниско раководство

Вторник, 5 февруари 2019 година

Средба на претседателот Џафери со генералниот секретар на ЦЕИ, Роберто Антоњоне 

На денешната средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со генералниот секретар на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), италијанскиот сенатор Роберто Антоњоне, кој престојува во работна посета на Република Македонија, беа разменети повеќе информации и мислења околу досегашната и идна соработка на нашата земја во рамките на ЦЕИ.

Претседателот на законодавниот дом, посакувајќи му добредојде на гостинот, упати честитка по повод неговиот избор за генерален секретар на ЦЕИ во периодот кога се одбележуваат 30 години од формирањето на оваа иницијатива и притоа изрази уверување дека со успешното затворање на спорот со Република Грција, како и нашето членство во НАТО и ЕУ, на некој начин во голема мера полека ја исполнуваме и мисијата на ЦЕИ, а тоа е пред сѐ европското интегрирање на Регионот на Западен Балкан, како и зајакнувањето на соработката и добрососедската политика како клучни фактори за развој на земјите од Балканот. 

Претседателот Џафери, исто така, го потенцираше фактот дека улогата на парламентарната соработка во рамките на ЦЕИ е од големо значење и нагласи дека парламентарната делегација на Собранието на Република Македонија активно ќе продолжи да учествува во работата на парламентарната димензија на ЦЕИ и во наредниот период затоа што со тоа се отвораат многу можности за директна и непосредна комуникација и соработка меѓу државите на сите полиња.      

Генералниот секретар на ЦЕИ, сенаторот Роберто Антоњоне, изрази задоволство од средбата со претседателот Џафери и упати честитки за големиот успех што го постигнавме како држава во решавање на спорот околу името со Република Грција и отворањето на нашиот пат кон Европа и изрази надеж дека овој пристап на решавање на отворените прашања меѓу соседите ќе биде пример за сите други земји во Регионот. Тој, исто така, нагласи дека ЦЕИ како иницијатива за поврзување и интегрирање на земјите од Регионот кон европските вредности, претставува еден вид алатка преку која државите полесно може да ја артикулираат и реализираат својата политика за стабилизација и интеграција. На крај, генералниот секретар на ЦЕИ изрази уверување во успешното продолжување на досегашната соработка и нашата партиципација во рамките на институциите на ЦЕИ. 

Двајцата соговорници ѝ посакаа на Италијанската Република успешно претседавање со ЦЕИ во 2019 година. 

Click