Собраниско раководство

Среда, 27 март 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА ЈАДРАНСКО-ЈОНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со генералниот секретар на Јадранско-јонската иницијатива, амбасадорот Џовани Кастеланета, придружуван од членови на Секретаријатот и г. Иван Иванишевиќ, генерален директор за мултилатерални прашања во МНР на Црна Гора, во функција на земја претседавач со иницијативата.

Претседателот Џафери истакна дека долгодогишната заложба за членство на земјата во оваа иницијатива, која од познати причини не беше можно да се реализира, по надминувањето на спорот со Република Грција, стана реалност и тој е првиот претседател на Собранието на Република Северна Македонија кој учествувал на состанок на претседатели на парламенти во Црна Гора, пред неколку недели. 

Претседателот Џафери ги информираше соговорниците дека сите институции во земјата посветено работеа на зајакнување на регионалната соработка и негувањето на добрососедските односи и на надминувањето на сите отворени прашања, кои се во насока на промена на перцепцијата за регионот како буре-барут и генератор на конфликти. 

„Членството во овие инцијативи придонесува за поголема регионална поврзаност, но и за поголема политичка и економска стабилност. Имајќи предвид дека меѓу приоритетните области на иницијативата се туризмот и културата кои им овозможуваат на земјите поблиску да се запознаат и заемно да соработуваат,  остануваме отворени за соработка во сите области од заеднички интерес со сите земји членки”,  посочи Џафери. 

Амбасадорот Кастеланета, упатувајќи уште еднаш честитки за членството на земјата во Јадранско-јонската иницијатива, кое го отвори и патот кон скорешно членство во НАТО и идно членство во ЕУ, изрази очекување за потесна соработка, пренесување на искуства, поддршка и споделување на културата од страна на Република Северна Македонија со другите земји од Иницијативата. За нив, значаен сегмент има парламентарната соработка, бидејќи парламентите служат како линк за поврзување со граѓаните. Тој ја понуди нивната помош за владата и за администрацијата на Република Северна Македонија, со цел земјата да може да ги исполни своите обврски и да биде контструктивен партнер во рамките на Иницијативата. 

Делегацијата, исто така, беше информирана за актуелните процеси во Собранието на Република Северна Македонија, во контекст на членството во НАТО и во однос на подготовките во очекувањето на официјален датум за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.  

Click