Вторник, 11 февруари 2020
Средба на претседателот Џафери со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република Луиџи ди Мајо
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република Луиџи Ди Мајо.
Претседателот Џафери се заблагодари на силната и безусловна италијанската поддршка во сите клучни фази од евроатланските интеграции на нашата земја. Тој информираше за очекувањата и перспективите на Република Северна Македонија во контекст на НАТО и ЕУ, како и активностите на Собранието во пресрет на парламентарните избори. Истакнувајќи дека Италија постојано е меѓу десетте најзначајни економски и трговски партнери на Северна Македонија, тој изрази надеж дека стапувањето на земјата во НАТО ќе придонесе за поголема застапеност на италијанскиот капитал.
Министерот ди Мајо изрази задоволство што престојува во Република Северна Македонија на овој значаен историски ден, кога во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде ратификуван Северноатланскиот договор. Членството на Република Северна Македонија во НАТО, според ди Мајо несомнено ќе овозможи зголемен влез на италијански компании во земјава, пред сѐ во полето на интернет технологиите и сајбер безбедноста. Министерот за надворешни работи на Италијанската Република го поздрави напредокот постигнат од Република Северна Македонија и посочи дека преостанува заеднички да се работи на постигнување на легитимната аспирација за членство на земјава во ЕУ, односно валоризирање на постигнатите реформски резултати.
Соговорниците изразија уверување дека новата методологија на ЕУ за водење на преговори ќе придонесе за поттикнување на политичката волја за проширувањето и ќе го подобри пристапниот процес.
На крајот на средбата, претседателот Џафери и министерот ди Мајо го нагласија интересот за продлабочување и интензивирање на севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Италијанската Република, имајќи предвид дека со членството на земјата во НАТО и започнувањето на преговори за членство во ЕУ, ќе се отворат дополнителни можности за поблиска соработка.