Собраниско раководство

Вторник, 23 јули 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО НОВОИМЕНУВАНАТА АМБАСАДОРКА НА САД КЕЈТ МAРИ БРНЗ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваната Амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мaри Брнз.

Претседателот Џафери, упатувајќи и честитки за нејзиното именување на функцијата, изрази надеж за продолжување на одличната соработка со Амбасадата и нејзините претставници, особено поради фактот што САД се наш стратешки партнер со кои негуваме децениски блиски и пријателски билатерални односи. Претседателот Џафери ја информираше Амбасадорката за неговата неодамнешна посета на Вашингтон и реализираните средби со високи претставници на Стејт Департментот и Конгресот, како уште една потврда за интензитетот на меѓусебната парламентарна соработка. Во тој контекст, тој изрази очекување дека Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО ќе биде наскоро ратификуван од страна на Сенатот и дека до крајот на годината, земјата ќе стане 30-та членка на НАТО. 

Во однос на ЕУ, претседателот Џафери укажа на важноста од отпочнување на преговори со Европската унија, не само заради промена на перцепцијата дека Балканот е буре барут, туку и заради фактот што земјата ги исполни предусловите за почеток на преговори, со целосна вклученост на опозицијата во овој процес на внатрешен и на меѓународен план. Реформите не завршуваат тука, тие се долгорочни и ќе продолжат до самото членство во ЕУ а отворањето на преговорите само по себе не значи и членство во ЕУ, но сепак, во овие околности тоа ќе претставува значаен стимул на процесот, нагласи Џафери. 

Амбасадорката Брнз срдечно заблагодарувајќи се за средбата, ја поздрави клучната улога на претседателот Џафери во водењето на Собранието, особено за поддршката на Преспанскиот договор, донесувањето на уставните измени кои ја отворија постапката на ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО во земјите членки, како и во донесувањето на неопходниот пакет реформи за почеток на преговори за членство во ЕУ. Во САД постои широк консензус за членство на Република Северна Македонија во НАТО, не само заради фактот што ќе биде иден сојузник, туку од причини што земјата досега покажа дека може да биде добар сојузник во Алијансата. Исто така, САД искрено се надева на позитивен исход во октомври за почеток на преговорите за членство во ЕУ, бидејќи Република Северна Македонија пристапи со широка политичка основа кон реформите и тоа треба соодветно да се вреднува. Ова е историски момент и не треба да се пропушти, истакна Брнз. 

Двајцата соговорници беа согласни дека соработката треба да продолжи и да се зајакне во иднина, во полиња од заеднички интерес за двата парламенти, особено во зајакнувањето на надзорната функција на Собранието како коректив на извршната власт во процесот на донесување закони и континуитетот во транспарентноста на неговата работа кон јавноста.

Click