Собраниско раководство

Четврток, 5 март 2020

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Националниот совет на Република Австрија, Волфганг Соботка

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со претседателот на Националниот совет на Република Австрија, Волфганг Соботка, кој престојува во еднодневна работна посета на државата. На средбата присуствуваа и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан  Мисовски; претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Австрија, Реџаиљ Исмаили и генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова.

Претседателот Џафери изрази задоволство од повторната средба и нагласи дека преку размената на посетите на највисоко ниво, двајцата претседатели заеднички покажуваат посветеност за развивање поблиски односи, интензивирање на парламентарната соработката и размена на искуства. Тој, во име на Собранието, изрази благодарност за активностите кои ги презема австриската страна за поддршка на нашата земја во процесот на пристапување во Европската Унија и за добивање датум за преговори. Понатаму, информираше дека и покрај големото разочарување од недонесувањето на едногласна одлука на Европскиот совет за започнување преговори во октомври 2019 година, останавме фокусирани на нашата цел, полноправно членство во Европската Унија и не ги запоставивме реформите, туку, напротив, во последните денови на овој парламентарен мандат, успеавме да донесеме значајни законски решенија. Тоа, нагласи Џафери, беше нотирано и во ажурираниот Извештај за Северна Македонија, објавен на 2 март, во кој Европската комисија истакна дека основите на препораката од 2019 г. за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија, остануваат валидни.

Оценувајќи ја билатералната соработка како извонредна, претседателот Соботка информираше дека во Националниот совет на Австрија неодамна е формирана Парламентарна група за соработка со Собранието на Република Северна Македонија. Тој нагласи дека и државниот врв на Австрија бил разочаран од недонесувањето на одлука за почеток на преговорите, но дека Австрија останува силен поддржувач на нашата земја во процесот на евроинтеграција. Тој изрази очекување за веќе во март да биде донесена позитивна одлука за Република Северна Македонија, а во однос на новата методологија, изрази надеж дека таа ќе го забрза процесот на пристапување. Спикерот Соботка го поздрави заедничкото претседателство на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес и се заложи за поголема вклученост на парламентите во процесот.

Двајцата претседатели изразија надеж дека и во иднина двата законодавни дома ќе продолжат да негуваат блиски и пријателски односи, како на ниво на пратеници, така и на ниво на служби, и во тој контекст, потпишаа Писмо за намери за основање на работилници за демократија по примерот на оние кои функционираат во Австрискиот парламент. Преку овие работилници се предвидува на младите луѓе да им се даде можност да се запознаат директно со улогата на Парламентот и на тој начин да се поттикне развојот на нивната свест за демократијата и да се охрабрат за политичко критичко размислување и вклученост. Беше поздравена и програмата на Австрискиот парламент за стипендирање на парламентарни службеници, со цел зајакнување на демократијата во регионот на Западен Балкан.

 

 

 

 

Click