Собраниско раководство

Вторник, 27 март 2018 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Парламентот на Грузија, г. Иракли Кобахиѕе 

Денеска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, на маргините на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), во Женева, Швајцарска Конфедерација, оствари средба со г. Иракли Кобахиѕе, претседател на Парламентот на Грузија, на негово барање.

На почетокот на средбата, претседателот на Грузискиот парламент, г. Иракли Кобахиѕе, ја истакна важноста од започнување на поинтензивен политички дијалог меѓу Грузија и Република Македонија, посочувајќи дека двете земји сè уште немаат воспоставено дипломатски односи, а имаат слични цели и предизвици, како што се интеграцијата во ЕУ и НАТО. Потврдувајќи дека Република Македонија предничи пред Грузија на овој план, тој искажа интерес за отпочнување на соработка во насока на споделување на искуства и добри практики меѓу пратениците и службите на двата парламенти. Грузискиот парламент е особено заинтересиран за функционирањето на Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија и апроксимацијата на законодавството со она на ЕУ. Грузија, од своја страна, може да ги сподели своите позитивни искуства во борбата против корупцијата, реформата на полицијата и подобрувањето на услугите за граѓаните. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери изрази задоволство од остварувањето на оваа средба и посочи дека и покрај невоспоставените дипломатски односи, пратениците од двете земји соработуваат во рамките на меѓународните парламентарни собранија. Делегации на Собранието на Република Македонија во неколку наврати учествувале на мултилатерални настани во Грузија, а и Грузиска парламентарна делегација учествуваше на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ во 2016-та година во Скопје. 

Претседателот Џафери истакна дека Република Македонија е подготвена да развива секаков вид на билатерална соработка со Грузија, нагласувајќи дека двете земји успешно соработуваат во рамките на ОБСЕ и НАТО. 

Тој изрази подготвеност за споделување на искуството за формирањето и функционирањето на Парламентарниот институт и предложи делегација од Парламентот на Грузија да го посети Собранието на Република Македонија со цел да се запознае со работата на Институтот. Претседателот на Грузискиот парламент го покани претседателот Џафери да учествува на два значајни настани што ќе се организираат во Грузија во наредниот период – одбележувањето на 100-годишнината од обновувањето на независноста на Грузија на 26 мај 2018 година и Петтиот глобален самит за Отворено владино партнерство во периодот 17-19 јули 2018 година. 

Истакнувајќи дека Република Македонија останува посветена на евроатланската агенда, г. Џафери го информираше соговорникот за мерките за градење на доверба за разрешување на билатералниот спор што Грција го има со уставното име на Република Македонија, како и за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.   

Соговорниците разговараа за состојбите и актуелностите во Република Македонија и Грузија, како и во регионите на Западниот Балкан и Кавказот и се согласија дека продлабочувањето на политичката, економската, културната и парламентарната соработка помеѓу двете земји ќе биде од голема полза и ќе отвори перспективи за нивните граѓани. 

Click