Собраниско раководство

Вторник, 23 октомври 2018 година, Прага

Средба на претседателот Џафери со принцот Карел Шварценберг, заменик-претседател на Комисијата за надворешни работи     

Во рамките на официјалната посета на Чешката Република, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари заедничка средба со принцот Карел Шварценберг, заменик-претседател на Комисијата за надворешна политика. На средбата присуствуваше и Јан Липавски, заменик-претседател на Комисијата за одбрана во Домот на пратеници во Парламентот на Чешката Република и пратеници членови на Комисијата.  

Принцот Шварценберг го поздрави започнувањето на процесот на уставните измени. Тој истакна дека секогаш го оценувал спорот меѓу двете земји како крајно бесмислен, кој само го отежнува процесот на стабилизација на регионот. За Република Македонија тоа значеше застој од речиси три децении, време кое неповратно помина, но сегашните позитивни поместувања даваат надеж дека ќе се направи силен исчекор во евроатлантската интеграција. Чешката Република силно ги поддржува аспирациите на Република Македонија да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО, место кое природно ѝ припаѓа.  

Претседателот Џафери изрази голема благодарност за силната чешка поддршка и за искреното и децениско пријателство. Со изгласувањето на потребата од измена на Уставот на Република Македонија покажаа дека поголем дел од пратениците имаат висока државничка свест за стратешките државни приоритети, издигнувајќи се над партиските интереси. Поканата за членство во НАТО и добивањето датум за преговори претставуваат видливи резултати на правилна политика и јасен сигнал за натамошните активности на тој план. 

Претседателката на Групата за соработка на Собранието на Република Македонија со Чешкиот парламент, Јагода Шахпаска, посочи дека верува во градењето на мостови на пријателство, преку примерот на соработка меѓу парламентите на Република Македонија и Чешката Република.   

Пратеничката Владанка Авировиќ ги запозна домаќините со идните чекори во постапката за измена на Уставот, заедничко изнаоѓање на најсоодветни концепти за подобрување на текстот на уставните амандмани, со цел имплементација на Договорот. 

Беше истакнато дека особено се почитува високо професионалниот ангажман на чешките полицијаци, кои заедно со македонските полицајци патролираат на јужната граница и секојдневно спречуваат обиди за илегален влез на мигранти. 

Соговорниците споделија уверувања за интензивирање на билатералната меѓупарламентарна соработка, особено меѓу пратеничките групи за соработка и ресорни комисии, во функција на споделување на чешките искуства во евроатлантските интеграции.

Во рамките на официјалната посетата, претседателот .Џафери оствари и протоколарни средби со Војтех Филип, заменик-спикер на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република и со Милан Штех, претседател на Сенатот на Парламентот на Чешката Република, на кои беа разменети мислења за политичката состојба во двете држави и за начините за унапредување на билатералната соработка. 

Click