Собраниско раководство

Вторник, 14 мај 2019 година  

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Националниот Совет на Република Австрија г. Волфганг Соботка

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, заедно со пратениците Реџаил Исмаили и Мери Лазарова, како и Генералната секретарка Цветанка Иванова, остварија средба со претседателот на Националниот Совет на Република Австрија г. Волфганг Соботка на чија што покана Делегацијата и е во официјална посета на Виена. 

Двајцата соговорници оценија дека односите и контактите меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Австрискиот парламент се пријателски и се одвиваат по нагорна линија, и на билатерален и на мултилатерален план. 

Претседателот Соботка го поздрави потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор и истакна дека, тоа претставува пример за сите држави во Европа како преку дијалог се решаваат несогласувањата. 

 

Тој изрази оптимизам дека континуираните напори за спроведување на реформите на институциите на Северна Македонија во клучните области ќе бидат признаени и дека земјите членки на ЕУ ќе донесат одлука за отворање на преговорите за пристапување во јуни оваа година. Спикерот Соботка понатаму увери дека, австриската страна ќе стори сѐ да ги убеди земјите кои се скептични дека доделувањето на датум за Република Северна Македонија е неопходно. 

Претседателот Џафери ја нагласи заедничката определба на владејачките и на опозициските партии за поддршка на стратешка цел за пристапување во ЕУ и членство во НАТО. Потенцирајќи дека, иако целта на реформите е воспоставување на стабилни основи за владеење на правото во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија а не само услов во процесот на интеграција во ЕУ, сепак признавањето на напредокот кој веќе е направен, е најдобар поттик за продолжување со реформите. Отворањето преговори во јуни 2019 година ќе обезбеди понатамошен поттик за консолидирање на демократијата и владеењето на правото и истовремено, ќе испрати јасна и позитивна порака до сите земји пристапнички во Западен Балкан, истакна Џафери. 

Во однос на претседателските избори во Република Северна Македонија, претседателот Џафери подвлече дека, со изборот на кандидатот зад кој застана владејачката коалиција, граѓаните го потврдија евроатланскиот курс на државата и дека оценките за спроведувањето на изборите засновани на принципите на демократија, плурализам и почитување на правото на слободен избор уште повеќе ќе ја приближат државата кон ЕУ. 

На крајот соговорниците истакнаа дека и во иднина ќе се залагаат за негување на блиски и пријателски односи меѓу двата законодавни дома, како на ниво на пратеници така и на ниво на служби и во таа насока од наша страна беше поздравена австриската иницијатива, во соработка со Европскиот фонд за Балканот, за доделување за Балкански стипендии во Австрискиот парламент, наменети за службеници од парламентите од 6 држави од Западниот Балкан.  

 Инсерти од средбата

 Прес-конференција

Click