Собраниско раководство

Среда, 30 мај 2018 година

Средбата на претседателот Џафери со Омбудсманот на Република Турција, г. Шереф Малкоч   

Денешната средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери со Омбудсманот на Република Турција, г. Шереф Малкоч, помина во срдечна и пријателска атмосфера каде што двајцата соговорници разменија мислења околу повеќе сфери на заемната соработка меѓу двете земји. На средбата присуствуваше пратеникот и претседател на парламентарната група за пријателство со Република Турција, г. Енес Ибрахим. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија истакна дека севкупните односи меѓу двете земји Македонија и Турција се одлични, се развиваат во духот на силно традиционално пријателство со една динамична соработка во повеќе области и изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина. Претседателот Џафери го запозна својот гостин со принципите на соработка на законодавниот дом со институцијата Народен правобранител, како и со идните планови на државата за јакнење на капацитетот и независноста на оваа институција во рамките на политичкиот систем. 

Претседателот Џафери потенцираше дека оваа институција е многу значајна за  земјата и нејзините евроатлански интеграции и со новите измени на Законот за народен правобранител во наредниот период би следеле натамошни проширувања на надлежностите како и нејзиното етаблирање како силен механизам во заштита на граѓанските слободи и права. 

Омбудсманот на Република Турција, г. Малкоч се заблагодари на претседателот на Собранието за средбата и го искажа своето задоволство од топлиот и пријателски прием во Република Македонија. Тој го запозна претседателот со поедини детали околу функционирање на институцијата Омбудсман во Република Турција, нагласи дека за разлика од Македонија, тие се релативно нова институција која функционира само 5-6 години и ваквата соработка на ниво на Омбудсмани во регионот е многу корисна пред сè во сферата на  размена на искуства и информации. Турскиот Омбудсман исто така посебно се задржа на важната улога што ја има неговата земја по прашањето на бегалците од Сирија и нивното згрижување како и борбата против тероризмот во целина. 

На крајот од средбата, тој истакна дека хуманиот и човечки аспект е клучниот фактор што Република Турција и помага на Европа по прашањето на големиот бран бегалци.     

На крајот и двајцата соговорници ја искажаа потребата од продолжување на заемната соработка на двете пријателски земји.                  

Click