Собраниско раководство

Сабота, 8 јуни 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на Свечената церемонија на дипломирањето на првата генерација апсолвенти на Универзитетот Мајка Тереза   

Почитуван потпретседател на Влада, Османи
Почитуван министер за образование Адеми, 
Почитуван Ректор на Универзитетот Мајка Тереза, г. Положани, 
Почитуван градоначалник на општина Чаир, 
Почитувани студенти  на Универзитетот Мајка Тереза
Почитувани декани, професори, родители, 
Дами и господа, 

Почестен сум и среќен што денес сум дел од оваа свечена церемонија на дипломирањето на апсолвентите на првата генерација на Универзитетот Мајка Тереза. Знам дека и вие сте исто толку среќни меѓутоа и трикратно горди затоа што вие сте првиот резултат на едно благородно патување кое што започна во 2016 година и кое од ден на ден, од генерација во генерација, го зголемува бројот на љубителите на образованието, квалитетот на предавачите и како резултат на ова, вашето знаење и сознанија за животот, за светот, за универзумот и за сѐ што не опкружува, не предизвикува и ни го поттикнува љубопитството, особено вашето, имајќи ја предвид вашата младост, вашата жед за знаење и вашата желба за збогатување на умот и душата. 

Почитуван Ректор, декани, професори, ви честитам за придонесот што сте го дале и за посветеноста што сте ја имале за просветлувањето на умот и проширувањето на дијапазонот на познавањата на овие почитувани млади. Имате одговорна задача меѓутоа во исто време и многу ценета. Одговорни сте за вредностите што сте ги всадиле во овие млади генерации кои од денес натаму ќе бидат активни актери во нашето општество, ќе бидат моторот што ќе ја води земјата напред кон градењето на светла иднина и ќе придонесат во развојот на соработката со соседите, во регионот и светот. Ќе работат во насока на постигнување на вредности и стандарди кои се прифатени во сите земји со развиена демократија. Додека пак ние, како политичари, како академици, како фактори кои им ја оставаат во наследство земјата, ќе се погрижиме овие млади да имаат простор за производство на вредности кои ќе ја вбројат нашата земја во редот на примерните земји. Ќе им овозможиме да ги следат и остварат своите сништа, затоа што тие ја имаат младоста, енергијата, волјата и храброста, имаат отворени очи и отворен ум! Нам, не ни преостанува ништо друго освен да  ги поддржиме во нивното патување, за доброто на нашите граѓани, за доброто на земјата, регионот и светот. Јас сум задоволен што како политичари, ги симнавме од дневен ред прашањата што го оптоваруваа нашето патување кон остварување на стратешките цели определени уште од осамостојувањето на земјата, односно, полноправното членство во НАТО, најголемата одбранбена организација, нешто што сега веќе е јасно дека ќе се заокружи до крај на оваа година и полноправното членство во Европската унија, нешто за што со полно право очекуваме да се донесе одлука за отворање на преговорите во јуни оваа година. Со постигнувањето на овие цели, ќе можеме слободно да кажеме дека на новите генерации им оставаме во наследство држава без отворени прашања, со јасна и светла перспектива.  

Почитувани студенти, денес имам порака за сите вас што заминувате од овој храм на знаењето како архитекти, како градежници, како информатичари, техничари, технолози и дипломирани во социјални науки: “Раширете ги крилата, главата горе, полно срце и полетајте, отворете нови патеки за откривање на овој свет, толку интригантен и толку предизвикувачки и немојте да дозволите вашето патување да остане само на толку. Продолжете да се образувате во текот на целиот живот затоа што образованието не е само еден тригодишен или петгодишен процес. Образованието е постојан процес. И, во природата на човекот е да биде љубопитен и секогаш да се натпреварува со себеси и да биде упорен да се надмине себеси. Ова е мојата порака за вас денес затоа што вие денес отворате ново поглавје во вашиот живот и кога ќе се вработите, која и да е вашата работа, ви посакувам да се надминете себеси! Да настојувате да бидете подобри, давајќи го најдоброто од себеси! Ви посакувам успех во достигнувањето на високите врвови на професионалниот свет, а на почитуваниот екипаж на Универзитетот Мајка Тереза му посакувам Универзитетот, од година во година да расте и да се развива, како по број на студенти, така и по квалитет на студии и научни достигнувања. Да биде храм кој што ќе се истакнува и ќе биде атрактивен за домашните и странските студенти. Имајте секогаш успех и напредок! Благодарам на вниманието! 

Click