Собраниско раководство

Четврток, 20 февруари 2020

Обраќање на претседателот Џафери по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик на Меѓународната научна конференција, организирана од Агенцијата за примена на јазикот

Почитуван Претседател на Владата на Република Северна Македонија, г. Оливер Спасовски,
Почитуван потпретседател на Владата и министер за политички Систем и односи меѓу заедниците, г. Садула Дураку, 
Почитуван претседател на Академијата на науки на Република Албанија, г. Скендер Ѓинуши, 
Почитуван директор на Агенцијата за примена на јазикот, г. Илбер Села,
Почитувани претставнички од Европската академија Бозен-Болзано, 
Почитувани претставници од домашните и странските универзитети и институти, 
Почитувани екселенции, 
Почитувани претставници на медиумите, 
Дами и господа,

Имам чест денес да се обратам на оваа Меѓународна научна конференција организирана од Агенцијата за примена на јазикот, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, и да изразам задоволство што можам во мое лично име и од име на Собранието на Република Северна Македонија да ја поздравам динамиката и енергијата со која Агенцијата, нејзиното раководство и целата служба пристапиле на оваа одговорна задача и доверба што им е дадена. Од денот на основањето, на неуморен начин работат и го даваат својот максимум во насока на информирање на јавноста и подготовката на институциите за примената на Законот за употреба на јазиците, на начин што процесот на почитување на правото за употреба на јазиците, како фундаментално човеково право, да се управува на ефективен и одговорен начин кој што соодветствува со потребите на граѓаните. Секако дека ова придонесува во зголемувањето на квалитетот на функционирањето на институциите, почитувањето на законите и ова произведува задоволни граѓани, интегрирани и лојални кон државата која што има еднаков третман кон секој поединец кој што живее, придонесува и ги исполнува своите граѓански обврски на ист начин како и секој негов сограѓанин.

Дами и господа,

Собранието на Република Северна Македонија, како прва институција која  го отвори патот кон реализацијата на ова фундаментално право, беше всушност и пионерската институција во која почна да се прави превод на материјалите што се доставуваа во институцијата, што се изготвуваа  во институцијата и што се доставуваа до пратениците и службата на два јазика. Исто така Собранието, беше првата институција каде се вршеше и консекутивно и симултано толкување на говорниците на седниците на работните тела и на пленарните седници, иако на почетокот со некои особености кои подоцна беа надминати со усвојувањето на законските измени. Морам да кажам дека почетоците беа тешки, имајќи го предвид целиот политички контекст, малиот број на кадри во сооднос со огромниот обем на работа и скромното опремување со речници. Сепак, со ангажман на сите страни вклучени во процесот на имплементација на ова право, денес, можам да кажам дека сме поставиле бааги солидна основа, со кадри кои сега веќе имаат повеќегодишно искуство и всушност, основањето на Агенцијата за примена на јазикот и Инспекторатот за употреба на јазикот, ќе биде најдобрата поддршка за квалитетната работа на сите други институции во Република Северна Македонија, кои се подложни на Законот за употреба на јазиците. И, на овој ден што го симболизира мајчиниот јазик, на мојот мајчин јазик ќе кажам дека, слободата на изразување на мајчин јазик како фундаментално човеково право кое игра суштинска улога во реализацијата и заштитата на сите други права и сега, многу години по 2001-ва година кога со уставните амандмани кои го претставуваат духот на уредувањето на односите помеѓу заедниците во државата, беа прифатени основните меѓународни стандарди, по неколку политички и правни обиди, со Законот за употреба на јазиците што беше донесен на 14 март 2018 година, можеме да кажеме дека е создадена солидна основа во насока на јазичната рамноправност и ставен е уште еден камен на зацврстување на младата демократија што ја развиваме во нашата држава.

Дами и господа, 
Почитувани присутни,

Подигањето на свеста на јавноста за значењето на употребата на мајчиниот јазик не е тренд туку е потреба на реалното секојдневие, и не само тука  во нашата земја, во нашето соседство, туку во цел свет. Впрочем, и темата на Организацијата за образование и култура при Организацијата на Обединетите нации - УНЕСКО, оваа година, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е „Јазици без граници“, затоа што, промовирањето на мајчиниот јазик и подигањето на свеста за ова и за културната разноликост насекаде низ светот е од суштинско значење за одржливите општества, какво што е всушност и нашето мултиетничко општество. Градењето на општество во кое се афирмирани и воспоставени меѓусебната почит помеѓу сите етнички заедници во земјата, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики е посебноста и суштината на напредните општества.

Дами и господа,

Толку сме богати колку што познаваме јазици, затоа што, цитирам „Границите на мојот јазик се граници на мојот свет“, крај на цитатот, вели Лугвиг Витгенстајн (Ludwig Wittgenstein), австрискиот филозоф. И, навистина е така, меѓутоа, првенствено треба да го познаваш својот мајчин јазик кој што те идентификува, ти овозможува да се изразиш слободно, точно и добро. Големиот Нелсон Мандела рекол, цитирам: „Доколку му говориш на човек на јазикот што го разбира, зборовите ќе одат до неговата глава. Доколку му говориш на неговиот јазик, зборовите ќе одат право во неговото срце“, крај на цитат, и потоа можеме да го отвориме мозокот за усвојување на нови јазици. Меѓутоа, битно да се симнат предрасудите, сите фактори кои работат во насока на претставување на предностите на едно мултиетничко општество, што значи и мултилингвално меѓу другото, да се научиме да се слушаме меѓу себе, да научиме да имаме почит едни кон други и кон серта таа целина што го прави еден поединец посебен, неговата етничка припадност, јазикот што го говори, религијата на која припаѓа, социјалниот слој од каде што доаѓа, економската состојба, полот, професијата и серија други карактеристики.

Ова е најдобриот начин да се градат развиени и напредни општества, современи, европски општества, со прифатени меѓународни вредности и стандарди кои ги почитуваат основните начела на Универзалната декларација за правата на човекот и Европската конвенција за правата на човекот. Посакувам успешна работа на Научната конференција и уште еднаш, честитки за Меѓународниот ден на мајчиниот јазик!

Ви благодарам на вниманието!

Click