Активности

Среда, 27 ноември 2019 година

Говорот на омраза - несакана појава што ги загрозува темелите на секое цивилизирано и демократско општество

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница одржа Јавна расправа на тема: „Говорот на омраза насочен кон жените во политиката“.

Оваа јавна расправа се организираше во соработка со Клубот на пратенички, НДИ и Програмата за парламентарна поддршка финансирана од Швајцарската амбасада.

Јавната расправа ја отворија Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Ѓулумсер Касапи, претседателка на Клубот на пратенички.

Рангелова им се заблагодари на присутните и изрази надеж дека и уредниците на медиумите ќе покажат интерес за оваа тема. Таа истакна дека говорот на омраза е тема на која се одржани многу јавни расправи, но не е постигнат напредок и, исто така, укажа на важноста да се говори не само за говорот на омраза кон политичарките, туку и воопшто кон сите жени во општеството.

Касапи истакна дека во последно време е се поактуелен говорот на омраза како најнова форма на насилство. Присутен е во многу форми – од политички некоректни шеги до отворени повици на линчување – како вербално, така и невербално, низ сите форми и средства на јавна комуникација и се открива како несакана појава што ги загрозува темелите врз кои се заснова секое цивилизирано и демократско општество.

На темата свое обраќање имаа Санела Шкријељ од Министерството  за труд и социјална политика; Н.Е. Сибил Сутер Техада, амбасадорка на Швајцарија; Н.Е. Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство; Сандра Пепера, директорка на род, жени и демократија НДИ; Росана Дуџак, постојана претставничка на ОН и Весна Ивановиќ, раководителка на канцеларијата на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) во Скопје. На јавната расправа присуствуваше и амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристиан Тимоние.

Потоа се отвори дискусија во која збор земаа потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, пратеничките Нола Исмајлоска-Старова, Емилија Александрова, Маја Морачанин, Јагода Шахпаска, Шпреса Хадри, Никица Корубин и Мери Лазарова, како и Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби и Снешка Илиќ од НВО Реактор.

По дискусијата беа донесени следниве заклучоци:

  1. Да се даде јасна дефиниција во кривичниот законик, што е говор на омраза;
  2. Да се размисли за донесување на нов закон против ширење на говор на омраза; 
  3. Да се направат напори од страна на институциите за навремен одговор на говорот на омраза;
  4. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите дава поддршка на измените на Изборниот законик за воведување на квота 50:50 на листите за парламентарни и локални избори;
  5. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите да одржи надзорна расправа на оваа тема: Говорот на омраза насочен кон жените; 
  6. Образовните програми за основно, средно и високо образование да опфатат содржини против говорот на омраза и да се посвети поголемо внимание на едукацијата на младите луѓе на оваа тема.
Click