Активности

Четврток, 5 декември 2019

Комисијата за култура ја усвои Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини за 2020 година

Комисијата за култура на денешната 25. седница ја усвои Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2020 година.

При подготовката на Предлог-програмата, од страна на Комисијата за култура беа испратени дописи до 127 институции од областа на културата: национални институти, државни универзитети, национални установи, центри за култура, заводи за заштита и музеи, библиотеки, здруженија, сојузи и невладини организации кои се бават со дејност од областа на културата, како и до сите општини на територијата на Република Северна Македонија. На барањето од Комисијата за култура одговорија 31 институција кои доставија свои предлози за одбележување јубилејни годишнини во 2020 година.

Предлог-програмата е составена од 63 јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности кои го изразуваат мултиетничкиот карактер на државата, се вградени во историскиот развој на земјата и со своето дело ги афирмирале начелата на хуманизмот и општоцивилизациските вредности.

Собранието на Република Северна Македонија е назначено да биде носител на јубилејот 50 години од смртта на Параскеви Кирјази - педагог, интелектуалец, делегат на Битолскиот Конгрес, автор на химната за албанската азбука и автор на првиот буквар на унифицираната албанска азбука. Заедно со нејзините браќа Ѓерѓ и Ѓерасим и сестрата Севасти, Параскеви Кирјази учествувала на Битолскиот конгрес за стандардизација на албанската азбука одржан 1908 г. во Битола, кадешто била назначена за претседател на Комисијата за кодифицирање на албанската азбука. Нејзиното интелектуално дело и придонес во областа на образованието и еманципацијата се од огромно значање за народите на овие простори.

Click