Активности

Вторник, 3 декември 2019

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија на Националната конференција „Зголемен надзорен капацитет на Собранието преку зајакнување на соработката со надворешни актери со надзорна улога“, организирана од ОБСЕ Мисијата во Скопје

Почитувани Амбасадор Клеменс Која,
Почитувани колеги пратеници, 
Почитувана генерална секретарка Иванова, 
Почитувани претставници на самостојни државни органи,
Претставници на меѓународни и невладини организации,
Дами и господа,

Дозволете да го поздравам почетокот на оваа конференција организирана од страна на нашите пријатели од ОБСЕ и Амбасадорот Клеменс Која, и да посакам успешна и плодна дискусија во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија. Морам да кажам уште на самиот почеток дека темите утврдени за денешните две сесии се исклучително значајни, ако не и суштински за соодветното исполнување на улогата на камен-темелник на претставничката демократија, односно, вршење на надзор, заедно со законодавна и претставничка функција. Се разбира дека овие три основни функции се меѓусебно тесно поврзани, се надополнуваат и претставуваат целина која е индикатор за степенот на созревање на едно општество и државно уредување.

Пред речиси три месеци имавме обука за комуникација со граѓаните, исто така организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и на која всушност тема беше претставничката функција на Собранието, за денес да продолжиме со надзорната функција која е во суштина логичен тек на законодавната функција на законодавниот дом. Зошто? Затоа што, законите, колку и да се убаво и правилно напишани на хартија, колку и да се усогласени со европското законодавство и директиви, сепак, тие се само мртво слово на хартија a тоа што е суштински важно е всушност нивната имплементација, почитување и доследно применување во пракса со што реално ќе се  види и нивниот импакт врз подобрувањето или можеби отежнувањето на животот на граѓаните. Секако, за надзорот да биде ефективен, потребно е да се исполнат неколку предуслови, односно, како што е наведено и во Глобалниот парламентарен извештај за 2017 та година - Парламентарен надзор на ИПУ, потребен е: силен мандат со јасно дефинирани моќи за барање одговорност од Владата; посветени и волни партиципанти кои се подготвени да ги користат моќите што ги имаат на располагање за да бараат одговорност од Владата и доволен капацитет во Парламентот за да покажат цврстина овие моќи, вклучително и независни извори за истражување  и анализи и степен на можни санкции.

Почитувани,

Улогата на Собранието е мултидимензионална, односно, во исто време е гласот на граѓаните, ги брани нивните интереси со тоа што преку надзорот бара одговорност од извршната власт за спроведувањето на политиките и одлуките кои на директен начин влијаат врз нивниот живот, при што води сметка за фундаменталните цели, односно промовирањето на слободите на граѓаните, нивната благосостојба а во исто време го подобрува и управувањето. Накратко, се грижи за обезбедување на рамнотежата на моќта која доколку е неограничена, без надзор и контрола, има опасност да ги надмине своите рамки, да го наруши балансот и да предизвика неповратни штети по правната држава, по довербата на граѓаните во праведноста и одговорноста на институциите и се разбира по општата благосостојба на сите. Реално, не знам колку ја сфаќаат сите моќта на законодавниот дом, меѓутоа, цврсто сум решен и мислам дека за тоа ја имам поддршката на сите пратеници, да Собранието биде тоа што е по Устав, вистински светилник на демократијата при што, покрај волјата на пратениците, која е неспорна, ги имаме или ги создаваме другите потребни предуслови. Односно, во однос на надзорната функција, направивме законски измени со цел постојаните работни тела од областа на човековите права и слободи чии што наоди се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции, или пак Комисијата за надзор над работата на Агенциите за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор на спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, да бидат активни чинители кои во исто време водат сметка и за заштитата на правата и слободите на граѓаните. Секако дека сме отворени за соработка со надворешните чинители како Народниот правобранител, меѓутоа и со самостојните државни органи, како што се ревизорските институции, различните комисии и агенции, националните институции и секако невладиниот сектор и тоа е така затоа што ние не претендираме дека сме најдобри познавачи на сите области меѓутоа, сме отворени да соработуваме  со цел да се обезбедат најдобрите услови за оптимален живот и стандард на граѓаните. Во овој контекст, морам да нагласам, дека соработката со афирмирана меѓународна организација како што е ОБСЕ, меѓутоа и со ред други наши верни пријатели и стратешки партнери е од непроценлива важност. Овозможуваат експертски мислења, дознавање или воведување на најдобри потврдени и можни практики и секако поседуваат капацитет и ресурси кои ни се на располагање. Од нас зависи колку ќе го ставиме законодавниот дом на пиедесталот кој што му е по Устав гарантиран и колку таа моќ ќе биде насочена кон напредокот и развојот на државата во вистинскиот правец.

Дами и господа,

Свесни сме дека за да имаме вистински функционално Собрание, клучно е да имаме финансиски независно Собрание и секако, независна собраниска служба, професионална, деполитизирана, максимално посветена и подготвена да одговори на специјалните и непредвидливи потреби на Собранието. И кога сме кај предвидливоста во работата на Собранието, знаете дека правиме напори во насока на тоа да имаме собраниски календар, колку и да е тоа неможно со динамичниот развој на настаните кај нас. Имаме среќа што имаме безрезервна поддршка од нашите меѓународни пријатели кои се покрај нас сега кога ги преземаме овие исклучително битни чекори и јас сум благодарен за целата поддршка што ја добиваме од сите нив. Имаме заеднички проекти, меѓутоа и процеси како што е Жан Моне Дијалогот кој што е единствен по тоа што овозможува непосредна, неоптеретена  и конструктивна дебата помеѓу припадниците на сите парламентарни групи кои се единствени по однос на тоа какво Собрание сакаме да имаме, не само за овој парламентарен состав, туку за секој следен состав, кој што ќе може да се ослони на независна собраниска служба.

Драги пријатели,

Посакувам да има конструктивни и корисни дискусии помеѓу сите партиципанти во однос на справувањето со предизвиците што го очекуваат нашиот законодавен дом.

Благодарам на вниманието!

Click