Активности

Петок, 7 февруари 2020

Посветеност во градење на вистински силен, независен, транспарентен и функционален храм на демократијата

Во Собранието, денеска се одржa Конференција за транспарентноста на законодавниот дом и предизвиците за новиот парламентарен состав.

Конференцијата ја отвори извршниот директор на Граѓанската асоцијација МОСТ, Дарко Алексов, кој информира дека ова е завршна конференција во нивна организација во рамките на Проектот Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието, како надоврзување на претходниот Проект, и двата поддржани од Британската амбасада. Тој изрази благодарност за соработката со Собранието кое започна со имплеметација на нивните препораки и надеж дека суштински придонеле кон потранспарентно и поинклузивно Собрание. Во своето воведно обраќање, претседателот на Собранието, Талат Џафери, истакна дека со оглед на тоа што целта на Проектот е вклучување на граѓаните во информирана дебата за улогата на Собранието, токму за подобрување на работата, вратите се постојано отворени за секоја иницијатива која е во таа насока и затоа продолжува силната, директна и безрезервна поддршка кон невладините организации.

„Остануваме и понатака силно посветени на градење на вистински силен, независен, транспарентен и функционален храм на демократијата, а вие останувате наши најдобри партнери во овие наши заложби“, порача претседателот Џафери.

Доминик Отвеј, заменик-амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, потсети на нивното четиригодишно набљудување на работата на Собранието, соработувајќи со пратениците и споделувајќи ги своите искуства. Тој, уште еднаш, ја истакна посветеноста за помош на нашиот Парламент како клучна институција за демократијата во земјава, одговорна пред граѓаните, притоа потенцирајќи дека транспарентноста е основа на отчетноста.

Бенјамин Арифи, во улога на модератор, ги најави двете сесии на Конференцијата, првата за транспарентноста на Собранието 2018 – 2020 и следните предизвици, и втората - за улогата на Комисиите во обезбедување на транспарентноста на Собранието.

Во продолжение, Дарко Алексов од МОСТ даде резиме од сумарниот извештај од Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на анализата на законодавните постапки и френквенциите на изменување на законите, за работата на Комисиите, квалитетот на записниците, вклученоста на засегнатите страни и работа на пратениците. Тој имаше пофални зборови за актуелниот менаџмент на Собранието. Голем дел од работите што се случија, значат промена на однесувањето, што е од исклучително значење, рече Алексов.

Иан Бредшо од Парламентот на Велика Британија, ги пренесе тамошните искуства кои се на едно завидно транспарентно ниво, по што главниот заклучок е дека преку современи алатки, сите информации за работата на целокупниот Парламентот и на пратениците, треба да се достапни онлајн, со постојано тековно ажурирање, затоа што без разлика дали ќе се објават или не, истите ќе стигнат до граѓаните.

Генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, истакна дека иако сме млада парламентарна демократија, имаме голем напредок на полето на транспарентноста на Собранието. Во оваа насока, во овие 2,5 години, се донесени бројни стратешки документи, како Стретешкиот план, вклученост во Отвореното владино партнерство со донесување Акциски план, донесен е Закон за собраниската служба, отворена е буџетска канцеларија, завршени се ИСО стандардите, а во фаза на довршување е ДКАФ проектот. Целта на сите овие  стратешки документи е подобрување на пристапот до информации, отворен парламент и инклузивност.

Иванова се осврна на актуелната транспарентност на Собранието, со сите предности и маани кои остануваат предизвик, преку четири аспекти, и тоа: транспарентност во законодавниот процес, финансиска транспарентност, отвореност и вклученост на граѓаните.

Притоа, реалната состојба вели дека постои висок степен на транспарентност кога станува збор за пленарните седници, финансиските извештаи, јавните расправи, отворен парламент за посети на граѓаните, едукативни семинари, едукација на ученици за законодавниот процес, објавени информативни материјали и др. Пониска е транспарентноста во однос на работата на комисиите, нивните записници и извештаи, но се работи на истото и веќе има подобрувања. Собранието поседува бројни алатки преку веб-страницата, која има многу податоци, но впечаток е дека не е многу прегледна, преку собранискиот канал, социјалните мрежи, Канцеларии за контакт со граѓаните, но нема добри технички можности за целосна транспарентност. Затоа, се работи на усовршување на собраниската веб-страница и отстранување на техничките слабости. Во оваа насока, планирани се видео-стриминзи, поврзување на системот за гласање со веб-страницата, секој пратеник да има своја веб-страничка во рамките на собраниската веб-страница, стенограмите од комисиите да бидат директно ставани, телефонска апликација за пратениците, можност за директна конекција меѓу граѓаните и пратениците, воведување е-петиција, реформиран собраниски канал, афирмирање на социјалните мрежи и др.

Во пресрет на завршувањето на мандатот, Иванова изрази благодарност do претседателот на Собранието, потпретседателите, координаторите на Пратеничките групи, Парламентарниот институт, собраниската служба невладините и меѓународните организации, за соработката и посветеноста во работата и големиот исчекор кон потранспарентен парламент. На крајот, упати апел до новиот парламентарен состав да ги ефектуира овие предизвици, затоа што веќе има обезбедено акциски план, програми и финансии, само е потребна политичка волја.

Click