Активности

Понеделник, 3 јули 2017 година

Презентација на степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница во Република Македонија

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија одржа состанок со директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, г. Јанез Копач. На состанокот од страна на г. Јанез Копач беше извршена презентација за степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница во Република Македонија. 

Во своето излагање, г. Јанез Копач ги истакна целите на Енергетската заедница како што се зголемување на трговијата со енергија, привлекување на инвестиции во енергетскиот сектор, подобрување на животната средина, поттикнување на употребата на обновливи извори на енергија и енергетската ефикасност, како и зголемување на конкуренцијата во енергетскиот пазар. Енергетската заедница е составена од неколку институции: Министерски совет, Парламентарен пленум, Секретаријат на Енергетската заедница, Регулаторен одбор и други. 

Во однос на Република Македнија, беше истакнато дека врвен приоритет треба да биде целосната имплементација на Третиот енергетски пакет на Енергетската  заедница без понатамошно одлагање. Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија е добро воспоставена, меѓутоа потребно е да ги прошири своите надлежности и да воведе шема на ротација за нејзините членови. 

Од страна на пратениците на Собранието на Република Македонија беше изразено задоволството од можноста подобро да се запознаат со целите на Енергетската заедница, како и степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница во Република Македонија при што беа изнесени следните мислења, предлози и поставени прашања. Се изнесе мислење дека во наредниот период Република Македонија треба да посвети поголемо внимание на обновливите извори на енергија, но за тоа е потребен и пристап до фондовите на ЕУ за финансирање на проектите од обновливи извори на енергија. Потребна е обука за поефикасно искористување на енергијата од обновливи извори како и поголеми инвестиции во заштитата на животната средина од работењето на поголемите енергетски капацитети во Република Македонија. Исто така, беше истакнато дека во изминатиот период Република Македонија пристапи кон постепена либерализација на пазарот на електрична енергија до 2020 заради заштита на граѓаните од евентуални шокови на раст на цената на електричната енергија, кои може да ги предизвика либерализацијата. Се изнесе мислење дека е потребно зголемување на износот на буџетски средства наменети за субвенции за добивање на електрична енергија од сончеви панели.

Во наредниот период, Република Македонија треба да посвети особено внимание на подобро искористување на производствените капацитети. До директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница беа поставени неколку прашања за искуствата во други земји од либерализацијата на пазарот на електрична енергија, како и можните пристапи на Република Македонија до разни фондови кои ќе придонесат за поголемо искористување на обновливите извори на енергија и поголема енергетска ефикасност. 

Click