Активности

Среда, 28 јуни 2017 година

Прва седница на Комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија денеска  ја одржа Првата седница на Комисијата посветена на евроинтегративните процеси на земјата, на која беа разменети мислења и ставови за нивно унапредување, од парламентарен аспект.  

Во врска со темата воведни обраќања имаа претседателот на Комисијата, г. Артан Груби, амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, г. Самуел Жбогар, како и заменикот на претседателот во Владата на Република Македонија задолжен за  европски прашања г. Бујар Османи. 

Претседателот на Комисијата, г. Груби истакна дека во фокусот на работата на Комисијата ќе биде, пред сè, унапредувањето на  европската реформска агенда и побара Комисијата да усвои заклучок Собранието да донесе Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската Унија. Овој предлог беше едногласно прифатен од членовите на Комисијата.

Во своето излагање, исто така, нагласи дека Комисијата ќе работи посветено и транспарентно, со цел за посеопфатна вклученост на сите фактори во општеството за реализирање на потребните ЕУ реформи, но и дека Комисијата постојано ќе врши парламентарен надзор над работата на Владата, во делот кој се однесува на имплементацијата на евроинтегративните процеси на земјата.

Заменикот на претседателот во Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања г. Бујар Османи, поддржувајќи ја европската агенда на Република Македонија изрази подготвеност на Владата на Република Македонија да ги направи потребните ЕУ реформи во претстојните три месеци, пред одржувањето на локалните избори оваа есен. Во таа насока информира дека е подготвена драфт верзија на Акциски план, во кој се адресирани Итните реформски приоритети. 

Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, г. Самуел Жбогар,  осврнувајќи се на актуелните состојби во врска со евроинтеграцијата на земјата, истакна дека е направен напредок на овој план, по изборите и формирањето на новата влада, но дека е потребно да се работи на реализирање на препораките од Итните реформски приоритети, како и на забелешките, нотирани во Годишниот извештај за напредокот на земјата во 2016 година. Само тогаш, истакна амбасадорот Жбогар ќе се подобрат состојбите во земјата, и младината, бизнис заедницата и сите граѓани во државата ќе ги почувствуваат овие благодети во секојдневниот живот.

Притоа, укажа на важноста на Собранието како форум за водење на конструктивен политички дијалог, и со вклучување на граѓанскиот сектор на еден инклузивен и транспарентен начин да се придонесе за унапредување на ЕУ процесите во земјата.


Комисијата имаше расправа, во која учествуваа пратениците: г-ѓа Фросина Ременски, г. Антонио Милошоски и г. Зекирија Ибрахими, кои во своите излагања ги поддржаа европските процеси на Република Македонија, при што беше изразена подготвеност земјата да вложи напори за спроведување на неопходните ЕУ реформи, со цел да се придвижиме поблиску до Европската Унија.

Беше искажана заедничка политичка заложба за евроинтегративниот пат на земјата, за што има политички и граѓански консензус. Притоа беше укажано и на проблемот што државата го има со соседна Грција, и дека е потребно тој да се надмине.

На седницата присуствуваа и претставниците на  Дипломатскиот кор во Република Македонија, а беа поканети и претставниците на граѓанското општество, со што Комисијата воспоставува нова практика за сите прашања во врска со евроинтегративните процеси, да го вклучува и невладиниот сектор.

Click