Активности

Петок, 7 февруари 2020 година

Собранието пријател на списанието „Лице в лице“

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието, денеска на 15. Седница, одржа Јавна расправа на тема:Прогласување на Собранието на Република Северна Македонија за пријател на списанието „Лице в лице“.

Со седницата претседаваше членот на Комисијата, пратеникот Трајчо Димков. Во своето воведно обраќање тој истакна дека од 3 до 9 февруари 2020 ја одбележуваме Меѓународната недела на продавачи на уличен печат и токму оваа јавна расправа е една од активности, во текот на неделата, со кои ја славиме работата на продавачите, кои пак со вклучувањето во продажба на уличен печат, се борат со животните предизвици. 

Списанието излегува еднаш на два месеци, на 64 страници во боја. Содржината на магазинот, во најголем дел, ја создава тим на волонтери, како и поддржувачи на мисијата на списанието. „Лице в лице“ е член и на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов, во која членуваат 35 земји, во светот се издаваат 120 списанија, а нив ги продаваат околу 9000 продавачи, кои со продажбата заработуваат за надминување на животните предизвици, како сиркомаштијата, социјалната исклученост, бездомништвото и невработеноста. „Лице в лице“ е активистичко списание, кое излегува во Македонија од септември 2012 година, кое го продаваат околу 40 наши сограѓани и на тој начин се промовира моделот на социјално претприемништво.

Јавната расправа е на иницијатива на пратеникот Самка Ибраимоски. Во своето излагање пратеникот Ибраимоски го сподели искуството од февруари 2019 година кога заедно со пратеничката Маја Морачанин во улога на улични продавачи го продавале списанието „Лице в лице“ во центарот на Скопје заедно со уличните продавачи. 

Маја Раванска, уредничка на списанието „Лице в лице“ изрази благодарност за тоа што, Собранието, трета година по ред се приклучуваа на одбележувањето на Меѓународната недела на уличен печат, како домаќини на оваа средба и на тој начин го гради пријателството, кое е неизоставен дел од материјалот потребен за одржливо и инклузивно општество. Таа  ја истакна важноста на овие микро – претприемачи, зајакнати луѓе кои ја зграпчиле можноста која им ја нуди работната интеграција – излез од кругот на социјалната исклученост, сиромаштијата, нееднаквостите во кои се нашле поради низа нефункционалности на системот.

Емилија Тодоровска,  координатор на продaжба и работна интеграција во име на целиот тим изрази благодарност за можноста да се обратат пред пратениците и  пред јавноста. Таа истакна дека кога едно лице продава,  значи дека работи и чесно заработува, но и многу повеќе. Ги менува старите начини на однесување и старите навики ги заменува со нови, од ранливо лице преку секојдневен раст се трансформира во личност која го гради полето во кое сака да делува и порача да бидеме партнери и поддржувачи на лично и економско јакнење на ранливите сограѓани во општеството преку работа и вреднување на човекот како индивидуа која може да создава.

На крајот, Комисијата, го усвои заклучок: Собранието на Република Северна Македонија станува пријател на списанието – уличен печат „Лице в лице“, кое го продаваат ранливи и маргинализирани луѓе, најчесто бездомници и невработени, на тој начин самостојно остваруваат одреден легитимен приход за себе и за своите семејства.

Click