Активности

Среда, 5 февруари 2020

Средбa на пратеничката Туфегџиќ со претставници на Француското МНР

Пратеничката Ивана Туфегџиќ оствари средба со Томас Бертин, шеф за Балканот и Елса Бензакуен Наваро, одговорна за земјава во Француското МНР.

На почетокот на средбата, Бертин извести дека се дојдени во специфичен момент за земјава, за да се запознаат одблизу со реалната состојба на терен.

Туфегџиќ ги запозна гостите со својата улога во Собранието, вклучувајќи го и ангажманот во Клубот за младински прашања и политики, како неформално тело во Собранието, составено од членови на сите парламентарни партии, чијашто цел е остварување на интересите на младите во земјава. Во овој контекст, таа побара поголема вклученост на прашањата кои ги засегаат младите во агендата на ЕУ. Исто така, информира дека претстои настан на заедничко дружење на младите од нашата земја и од соседна Грција, како еден вид борба против национализмот и доказ дека нѐ засегаат истите општествени проблеми во двете земји.

Во фокусот на разговорите беа очекувањата на нашата земја за почеток на преговори за членство во Европската Унија, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор. Од француската страна беше истакнато дека ЕУ сака да биде сигурна дека се исполнети сите реформски процеси пред отпочнување на преговорите со земјите од Западен Балкан и во овој правец е подготвена и новата методологија за пристап во големото европско семејство.

На средбата, гостите пројавија интерес и за справувањето со корупцијата и конфликтот на интереси, како и спроведувањето на законите. Притоа, беа запознаени со формирањето на Антикорупциската комисија и актуелните случувања за судските процеси во врска со Специјалното јавно обвинителство.

Останува впечатокот дека ЕУ е единствениот пат за земјава и европската перспектива на Западен Балкан ќе остане високо на агендата на Унијата.

Click