Активности

Среда, 5 февруари 2020

Средба на пратеникот Китев со претставници на Француското МНР

Пратеникот Бетиан Китев денеска во Собранието оствари средба со Томас Бертин, шеф за Балканот и Елса Бензакуен Наваро, одговорна за земјава во Француското МНР.

На почетокот на средбата, Китев изрази благодарност за интересот на претставниците на Француското МНР, воедно даде краток вовед за својот политички ангажман, како и континуираната соработка што ја има со своите колеги од Француското собрание.

Реформа на методологијата за проширување на Унијата, стремежот за добивање на датумот за отпочнување на преговорите на нашата земја, владеење на правото, реформите во судството, како и економската соработка, беа централни теми на кои денешните соговорници разменија мислења.

Китев посочи дека имаме право да бидеме разочарани од недобивањето на датум за отпочнување на преговорите со Унијата, но тоа не значи дека сме лути, Француската Република има свои причини, но ние како земја сме убедени дека тој геополитички сигнал ќе биде надминат во интерес на проширувањето, но и за земјите од Западен Балкан, кои немаат друга алтернатива освен полноправно членство.

Бертин, надлежен за континентална Европа и земјите кои не се членки на ЕУ, истакна дека го разбира разочарувањето што се појави во Регионот, а особено во земјава, но истакна дека целосно и недвојбено го поддржува членството на Регионот, особено за Северна Македонија.

Тој ги валоризираше досегашните достигнувања на земјата во однос на постигнатите Договори за добрососедство и од Преспа, како историски исчекор, подобрување на состојбата на слободата на говорот и медиумите, спроведување на изборните процеси, истакнувајќи ја особено соработката помеѓу Франција и МВР во борбата против тероризмот и радикализмот. Сепак, Франција конкретно бара спроведување на реформи во делот на владеење на правото и спроведување на судските реформи.

Беше истакнато дека за подобрување на економско-социјалните односи во земјата, би придонело и возобновување на соработката со Француската агенција за развој.

Во однос на билатералните односи, соговорниците се согласија дека треба да се работи на изнаоѓање на форми за јакнење на економската соработка и на француско-македонските врски, да продолжи континуираниот дијалог за сите прашања, којшто е важен не само за пријателството, туку и за остварување на заедничките цели - земјава да биде дел од Европската Унија и НАТО-алијансата.

Click