Активности

Четврток, 12 декември 2019

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Г-ЃА ШАРИ БРАЈАН, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКА НА НАЦИОНАЛНИОТ ДЕМОКРАТСКИ ИНСТИТУТ (НДИ)

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, денес оствари средба со г-ѓа Шари Брајан, потпретседателка на Националниот демократски институт (НДИ).

На средбата, претседателот Џафери ѝ посака добредојде на г-ѓа Брајан и изрази задоволство од досегашната соработка со НДИ, која досега е на одлично ниво, и го нагласи придонесот на НДИ во Собранието преку разните проекти и програми. Во оваа насока, тој особено ја истакна Програмата за парламентарна поддршка чиј донатор е Швајцарската агенција за развој и соработка која го поддржува Собранието во своите напори за независност преку градењето на капацитети за институционален развој, градењето на консензус, структурни реформи, зајакнување на законодавната и надзорната улога на Собранието, како и транспарентноста и отчетноста.

Госпоѓа Брајан искажа задоволство од средбата и ја искористи можноста да му честита на претседателот Џафери за учеството на нашата земја на Самитот на НАТО во Лондон и напорите на Собранието за институционална независност. Таа ги оцени „Планинските разговори“ за независноста на службата на Собранието како успешни и истакна дека Програмата за парламентарна поддршка на Собранието е најзначајната парламентарна програма која НДИ ја имала досега и таа може да послужи како позитивен пример за другите земји.

Претседателот Џафери се согласи дека „Планинските разговори“ кои се одржаа во Берово оваа година беа успешни и информираше дека во тек е изготвувањето на конечниот текст на Предлог-законот за Собрание во делот за службата на Собранието, што ќе придонесе за постигнување на независноста на службата на Собранието и подобрувањето на комуникацијата и координацијата со извршната власт во оваа насока. 

Соговорниците продолжија со разговор за тековната и идната соработка, при што, меѓу другото, го спомнаа и Парламентарниот институт којшто е успешен пример на заедничките заложби. 

Click