Активности

Среда, 27 ноември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со новоименуваниот амбасадор на БиХ, Н.Е. Драган Јаќимовиќ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на денешната средба со новоименуваниот амбасадор на Република Босна и Херцеговина, Н.Е. Драган Јаќимовиќ, изрази задоволство од досегашната соработка со Амбасадата на БиХ и му посака и на новиот амбасадор успешен мандат и продолжување на оваа соработка со Собранието на Република Северна Македонија.

Претседателот Џафери истакна дека, меѓу нашите две земји нема отворени прашања, негуваме пријателски односи и соработка и изрази надеж дека овој тренд ќе продолжи и понатаму на сите полиња во рамките на политичката и економска соработка.

Тој исто така изрази очекување за конечното завршување на процесите на ратификација на протоколите за влез на нашата земја во НАТО на почетокот на идната година, како и очекување дека конечно, во мај 2020 година ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Новоименуваниот амбасадор на БиХ, Н.Е. Драган Јаќимовиќ се заблагодари за можноста за средба со претседателот Џафери и на топлиот и пријателски прием на кој наиде во Република Северна Македонија при што потврди дека, за време на неговиот мандат ќе настојува да даде уште поголем придонес во зајакнувањето на соработката меѓу нашите две земји, ставајќи посебен акцент на економската соработка, како и на потребата од конечно воведување на директна авионска линија помеѓу Скопје и Сараево, што сериозно ќе влијае врз интензивирањето и зголемувањето на севкупната економска соработка меѓу двете страни.

На крај, и двајцата соговорници се согласија дека ќе дадат свој максимален придонес во продлабочувањето на идната комуникација и соработка на секој план.