Hidden render

Среда, 21 февруари 2018 година

Средба на пратеникот Груби со шведскиот амбасадор Стефансон

Денеска, претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Н.Е. Матс Стефансон.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања и политичките динамики во земјата. Соговорниците се согласија дека новосоздадениот моментум во политичките текови во Република Македонија не смее да се пропушти.

Пратеникот Груби се заблагодари за континуираната поддршка што доаѓа од Кралството Шведска за Република Македонија при што изјави: „Патот кон ЕУ е вистинскиот, а на тој пат ни требаат сојузници".

Исто така, Груби ја поздрави и Стратегијата на ЕК за перспективите на проширувањето со земјите од Западен Балкан, со која се потврдува иднината на нашиот регион како геостратешка инвестиција во стабилна, цврста и обединета Европа, заснована на заеднички вредности.

Во тој контекст се разговараше и за унапредувањето на добрососедските односи по теркот на билатералниот договор со Бугарија, пример којшто треба да се следи и во напорите за надминување на разликите со името со Република Грција, сè со крајна цел, Република Македонија членка на НАТО и ЕУ. Груби истакна задоволство од динамиката на чекорите кон конечното решение на спорот помеѓу Скопје и Атина.

На средбата беше нагласено задоволството од успешниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шведска, со акцент на заемните заложби за натамошно зацврстување на пријателските врски.

Амбасадорот Стефансон искажа увереност и подготвеност за натамошно унапредување на блиските релации меѓу Република Македонија и Кралството Шведска, преку континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.



Click