Hidden render

Среда, 2 мај 2018 година

Средба на пратеникот Тунтев со јапонската амбасадорка Кеико Ханеда                                         

Денешната средба на претседателот на Парламентарната група за соработка со Парламентот на Кралството Јапонија, г. Томислав Тунтев со јапонската амбасадорка, Н.Е Кеико Ханеда, помина во пријателска и конструктивна атмосфера, каде што беа разменети повеќе информации за досегашната соработка меѓу двете земји, како на политички, така и на економски план. 

На средбата беа присутни и пратениците Горан Мисовски и Диме Велковски, како членови на Парламентарната група за соработка со Јапонија. 

Пратеникот Тунтев упати благодарност до јапонската амбасадорка како прва резидентна амбасадорка на Јапонија во Република Македонија и изрази надеж дека ова ќе биде убава можност соработката меѓу двете земји да се зајакне и интензивира особено на економски план, затоа што за Македонија има многу корисни работи кои треба да ги прифатиме и од кои треба нешто да научиме во иднина, истакна Тунтев. 

„Како претседател на Парламентарната група за соработка, за време на мојот мандат, ќе направам сè што е во моја надлежност да ја интензивираме и парламентарната соработка меѓу нашите две страни“, потенцираше претседеталот Тунтев.  

Тој, исто така, се задржа, а воедно упати и благодарност до јапонската страна за одредени инвестиции во Република Македонија, како што се реализацијата на проектот Злетовица, а посебно се осврна и на значењето на два проекти кои треба да се реализираат, како што се Проектот за модернизација на РЕК Битола и Проектот за изградба на колекторски систем околу Охридското Езеро. 

Нашата евроатланска агенда останува наш висок приоритет и силно сме фокусирани во наредниот период на европската агенда, како и членството во НАТО, заврши на крајот пратеникот Тунтев.

Амбасадорката на Јапонија, Н.Е. Кеико Ханеда, се заблагодари на приемот и средбата со претседателот на Парламентарната група за соработка, г. Томислав Тунтев и го нагласи своето задоволство од досегашните пријателски односи кои ги имаат двете земји. 

Таа посебно се задржа на досегашната соработка со Република Македонија на економски план и на полето на досегашните јапонски инвестиции во нашата земја и истакна дека наредната година се навршуваат точно 25 години откако сме воспоставиле дипломатски односи со Јапонија и изрази надеж дека и во наредниот период Јапонија силно ќе ја поддржува Република Македонија на секое поле, особено на полето на економијата и инвестициите. 

Јапонската амбасадорка ја потенцираше, исто така, и важноста на соработката во сферата на образованието, како и од сè поголемата заинтересираност на нашите граѓани за изучување на јапонскиот јазик, кои тие преку разни форми на стипендии ќе го помагаат. 

На крајот таа ја изрази својата поддршка кон нашите евроатлански интеграции и истакна дека очекува голем успех за Република Македонија на овој пат по кој се движиме одлучно со голема поддршка на нашите граѓани.                                                                                                                                                                                                                 

Click