Активности

Понеделник, 31 јануари 2022

Арта Биљали-Зендели избрана за заменик-член на Комисијата за избор на судии во Европскиот суд за човекови права

Бирото на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на својот состанок одржан на 28 јануари 2022 година, односно последниот ден од зимската сесија, ја потврди номинацијата на Партиската група на социјалистите, демократите и зелените, пратеничката Арта Биљали-Зендели да биде заменик-член на Комисијата за избор на судии во Европскиот суд за човекови права.

Ова е посебна комисија која ги оценува квалификациите на кандидатите за судии, како и правичноста во спороведувањето на националните процедури за селекција на кандидатите, а потоа своите препораки ги доставува до пратениците пред тие да гласаат за судии во Европскиот суд за човекови права.

Во оваа Комисија членуваат 20 членови и исто толку заменици и нив ги номинираат партиските групи застапени во Парламентарното собрание. Членовите и замениците се истакнати правници и нивна задача е лично да ги интервјуираат кандидатите за судии во Европскиот суд за човекови права за да утврдат дали тие се доволно квалификувани за извршување на одговорната функција. При проверката на квалификациите и националната постапка за избор на кандидатите, доколку утврди дека се исполнети сите услови, Комисијата изготвува препорака до Парламентарното собрание со назначување кој кандидат или кандидати смета дека се најдобри. Доколку смета дека кандидатите не ги исполнуваат условите, Комисијата може да побара односната земја членка да достави нова листа на кандидати. 

Click