Активности

Вторник, 1 февруари 2022

Арта Биљали-Зендели на специјален состанок на Постојаниот комитет на ПС на НАТО

На специјалниот состанок на Постојаниот комитет на ПС на НАТО, што се одржа денеска во виртуелен формат, учествуваше шефицата на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО, Арта Биљали-Зендели.

Првата точка на која парламентарците обрнаа посебно внимание беше „Дискусија за актуелната ситуација во Украина и подготвеноста на Алијансата за одговор”. Конгресменот Коноли даде вовед и тајмлајн на актуелната ситуација, со осврт на конкретните преземени чекори на претседеталот Бајден и лидерите на ЕУ. Ја акцентираше подготвеноста на НАТО Алијансата да не дозволи никој да ѝ поставува ултиматуми за натамошно проширување, ниту да дозволи внатрешна поделба меѓу сојузниците. Во дебатата, парламентарците повикаа на дипломатско решение со цел да се избегне воен конфликт, како и воздржување од провокации. Воедно, изразија солидарност кон Украина, како земја која слободно, како и сите други, може да го избира своето членство во меѓународните организации.

Состанокот понатаму беше посветен на Стратешкиот концепт на НАТО, кој се ревидира на секои 10 години поради променетите состојби во безбедносната сфера, кога НАТО земјите членки ги редефинираат стратешки фокуси и ги поставуваат приоритетите во следните чекори на делување, насочени кон реафирмирање на трансатлантското единство. На состанокот се дебатираше по Придонесот на ПС НАТО и се извршија дополнителни консултации, кои претседателот на ПС на НАТО, конгресменот Џералд Коноли, ќе ги презентира на претстојниот Мадридски самит на НАТО во јуни.

Придонесот содржи 21 препорака поделена во два приоритета: „Реафирмирање на основниот столб на кој НАТО почива и се залага” и „Чекор напред во адаптацијата на НАТО кон актуелното безбедносно опкружување кое постојано се менува”. Клучната препорака е иницијативата на ПС НАТО за формирање на НАТО демократски центар за отпорност, чија основна цел е да го вклучи основното начело (зацртано во Вашингтонскиот договор) на слободни народи и слободни демократски избрани институции, како императив во работењето на Алијансата. Новиот Стратешки концепт мора да се насочи кон воспоставување на институционална архитектура во седиштето на НАТО, која ќе служи како ресурс и клириншка куќа за најдобри практики и демократски одредници достапни за земјите членки, партнерите и земјите аспиранти, на нивно барање. Преку овој Центар ќе се операционализираат вредностите на НАТО како Алијанса на демократијата и владеење на правото.

Шефовите на делегациите заклучија дека повторното фокусирање кон демократските фундаментални приниципи и темели го налагаат актуелните безбедносни предизвици и хибридни закани, климатските промени и нивното влијание врз воениот сегмент на Алијансата, кон кои НАТО мора стратешки да се позиционира и адаптира.

ПС на НАТО е мултилатерално парламентарно собрание основано во 1955 година како консултативно собрание на НАТО и обединува 269 парламентарци од 30-те земји членки на НАТО, од 11 асоцијативни делегации, од 4 регионални и медитерански партнери, од 8 делегации  со статус набљудувач (меѓу кои и од ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ), како и посебна делегација од Европскиот парламент, со што вкупниот број достигнува 360 парламентарци. Собранието воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поголема транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата. Во Постојаниот комитет членуваат само шефовите на делегациите на земјите-членки на НАТО, членовите на Бирото и претседателите на комитетите. 

Click