Активности

Понеделник, 28 февруари 2022

Деветта седница на Комитетот за односи меѓу заедниците 

Денеска, Комитетот ја одржа Деветтата седница, на која се дискутираше за Ревидирање на Програмата за работа на Комитетот за односи меѓу заедниците за 2021 година и се координираа активностите на Комитетот за 2022 година. 

На седницата, покрај Програмата за работа на Комитетот за односи меѓу заедниците за 2022 година, беше разгледуван и календарот на празници на припадниците на  заедниците во РСМ со датуми за нивно одбележување.

Претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, потсети дека на минатата седница на Комитетот при разгледувањето на Извештајот за работа на Комитетот за 2021 година се изврши ревидирање и евалуација на Програмата за работа на Комитетот за 2021 година, при што беше констатирано дека, и покрај пандемијата и локалните избори, Комитетот реализирал бројни предвидени активности од Програмата.

За новата Програма за 2022 година, Пашоли укажа дека е изготвена согласно одредбите од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, но и во неа се вградени сите досегашни предлози на членовите на Комитетот кои се однесуваат на заедниците во РСМ, а се прашања од надлежност на Комитетот. Притоа, таа се заблагодари на членовите на Комитетот за нивниот придонес и ангажманот на седниците на Комитетот.

Претседателката на Комитетот најави дека по остварената работна посета на Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје, се подготвува работна посета на  основно училиште, градинка, а потоа и работна посета на Комисијата за односи меѓу заедниците на Градот Скопје, вклучително и средба со градоначалничката, а за во блиска иднина да се оствари онлајн работен состанок со претставници на ИРИ во Босна и Херцеговина.

Со своја дискусија учествуваа членовите на Комитетот и пратеникот Панчо Минов, кои се согласија да се продолжи со силно темпо, со цел реализиција на сите предвидени активности. Тие ја поддржаа предложената Програма и притоа дадоа одделни предлози кои ќе бидат внесени во конечниот текст на Програмата, а се во насока на нејзино техничко подобрување, но и предложија поблиска соработка со некои институции сродни со надлежноста на Комитетот .

Во Програмата за работа на Комитетот за односи меѓу заедниците за 2022 година се внесени разгледување на прашања од областа на образованието, за остварување на правото на настава на јазикот на заедниците кои не се мнозинство во Републиката, разгледување на прашања од областа на културата, разгледување на прашања од областа на информирањето, соработка со Комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво, вклучително и работна посета на одделни ЕЛС, итн. Во Програмата за 2022 година се внесе и практиката на соработка со институциите, со меѓународните организации од областа на  човековите права, како и потребата од работни посети на образовни институции, општини во државата, културни институции, со цел промоција на политиката на Комитетот.

Во однос на календарот на празници на припадниците на заедниците во РСМ, се изгради став празниците да се одбележуваат на значајни датуми,  во организација на членот на Комитетот припадник на одделната заедница.

Членовите на Комитетот, заеднички, одговорно и посветено, се обврзаа дека обезбедувањето на правата на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Републиката и подобрувањето на меѓуетничките односи, остануваат приоритет и во идната работа на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Click