Активности

Четврток, 3 февруари 2022

Функционален Комитет за односи меѓу заедниците значи намалување на недоразбирањата и подобри меѓуетнички односи

Согласно обврската утврдена во Програмата за работа за 2021 година, денеска Комитетот за односи меѓу заедниците ја одржа Осмата седница, на која се разгледуваше Извештајот за работа на Комитетот за односи меѓу заедниците за 2021 година.

Во таа смисла, на  седницата беа поканети и присуствуваа  надворешните соработници: Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и претставници од Меѓународниот републикански институт (ИРИ), поточно новиот директор на Канцеларијата на ИРИ во РСМ, Крис Бренан и неговата соработничка, Џевахире Прутхи Зајази, програмски менаџер, кои со  нивното  присуство дадоа поддршка на работата на Комитетот.

Извештајот претставува сумиран приказ на севкупните  активности на Комитетот  во текот на 2021 г.,  поточно број и опис на одржани седници  и работни средби, со посебен акцент на работни средби со министри кои раководат со министерства со сродни надлежности со Комитетот, средби со компетентни лица кои работат на правата на етничките заедници во државата, а воедно постои и совпаѓање со надлежностите на Комитетот, со претставници на помалите заедници во државата, како и со претставници на меѓународни организации од областа на  човековите права.

Претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, презентирајќи го Извештајот, наброи дека во изминатата година, и покрај пандемијата и локалните избори, се одржани и завршени шест седници и бројни средби со релевантни лица и институции, како што се повеќекратни средби со национален координатор Алаѓозовски, евроамбасадорот Дејвид Гир и Здруженијата на граѓани на заедниците - Мрежа за мултикултурно општество.

Во однос на работата на Комитетот, Пашоли нагласи дека работната атмосфера во Комитетот е кохерентна. Таа изрази благодарност до Канцеларијата на ИРИ во РСМ како важен фактор за КОМЗ, бидејќи изминатиот период придонел за јакнење на капацитетот на Комитетот.

Што се однесува на гостите, се заклучи повторно да бидат поканети на тематски седници на Комитетот согласно Програмата за работа на Комитетот.

Претседателката на Комитетот најави наредна седница, која ќе се одржи наскоро и на која ќе се евалуира постојната Програма и ќе се подготвува нова за 2022 година. 

По презентацијата, со своја дискусија учествуваа членовите на Комитетот и поканетите гости, кои изразија поддршка на работата и вложената лична енергија и ангажираност на претседателката на Комитетот за досегашните активностите на КОМЗ и укажаа на позитивното организациско однесување во Комитетот, а се согласија да се продолжи со силно темпо со цел реализиција на сите предвидени активности.

Членовите на Комитетот преку пофалби и предлози, оценија дека секогаш може повеќе и подобро.

Беше побарано во иднина уште поголемо фокусирање на етничките прашања, разгледување на Извештајот на ЕК за Република Северна Македонија за 2021 година, како и редовно пригодно чевствување на националните празници на помалите заедници.

Функционален Комитет за односи меѓу заедниците може да биде можен чекор напред за намалување на недоразбирањата и подобри меѓуетнички односи, со што Комитет ќе стане пореспектабилна институција.

Беше потенцирано дека потесната соработка и интеракција со националниот  координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, може да придонесе за интензивирање на работата и ангажманот на членовите на Комитетот, со цел продолжување на концептот на „Едно општество за сите“, како ефикасна рамка за зајакнување на мултиетничкиот живот, и тие да бидат промотори и двигатели на заштитата на правата на припадниците на заедниците  и можностите за подобрување на состојбите.

Се укажа на потребата да продолжи практиката на соработка со културните, научните, образовните институции, како и потребата од теренско работење и посета на одделни општини во државата, но и Парламентите на некои соседни држави, со цел промоција на политиката на Комитетот во еден поширок мултилатерален контекст, со што овој Комитет да стане главен форум за дијалог меѓу заедниците.

Мултиетничката разновидност во државата e извор на сила и просперитет, и затоа Комитетот со своето продуктивното и проактивно работење, ќе стане препознатлива институција, а подобрувањето на меѓуетничките односи останува главен предизвик и приоритет на идната работа на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Click