Активности

Петок, 11 февруари 2022

Говорот на омраза има корозивни ефекти врз општеството

Комитетот за односи меѓу заедниците вчера оствари Работна средба во врска со Студијата за Говор на омраза како валута на национализмот: институционалeн одговор во Северна Македонија, изготвена од авторите и истражувачите: Марко Панковски и Миша Поповиќ. 

Работната средба  е продолжение на соработката на Комитетот со Директоратот на Канцеларијата на  Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во Босна и Херцеговина, кој е носител на овој проект со меѓународни размери, а со цел зајакнување на успешноста на институциите и нивната професионалност во однос на решавање на проблемот со говорот на омраза.

На работната средба присуствуваа членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, кои дадоа безрезервна поддршка за расправа на оваа тема и притоа во меѓусебен разговор беа разменети искуства, идеи и предлози во насока на потребата од активно залагање, голем ангажман и лични иницијативи за борба против овој феномен, а во најмала рака дистанцирање од него, негово амортизирање и минимизирање, особено преку прекин на манипулирање со младата популација. Се нагласи дека е природно и потребно членовите на Комитетот да го дадат својот максимум, но и сите пратеници да дадат свој личен пример и печат во искоренување на говорот на омраза.

Говорот на омраза има корозивни ефекти врз општеството.

Треба да се справиме со растечкиот проблем на расистичкиот говор на омраза, при што треба да се следи и меѓународната правна практика. Медиумскиот простор во државата, социјалните мрежи, говорот на омраза онлајн, се карактеризираат со поларизација  и затоа се потребни медиуми кои практикуваат добри стандарди при известување, медиуми кои негуваат практики на превенирање и подигање на свеста преку различни непосредни форми на позитивни кампањи.

Претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, оцени дека говорот на омраза  особено загрижува бидејќи најчесто е првиот чекор во процесот кон вистинско насилство, а конфликтните наративи се рефлектираат во јавниот дискурс.

Членовите на Комитетот предлагаа идеи кои се однесуваат на односите меѓу заедниците во РСМ од аспект на говорот на омраза и почитување на етничкиот идентитет. Тие говореа за унапредување на Комитетот и нивните очекувања Комитетот да работи афирмативно и проактивно и да ги реализира неговите   надлежности преку давање лична енергија, преку непосредни посети на образовните институции, на сите нивоа, особено мултиетнички образовните институции, посета на Министеството за образование и наука, посета на одделни мултиетнички општини, МВР, одделни медиуми, невладините организации, преку отворена расправа за најгорливите теми во државата, а со крајна цел - подобро препознавање на Комитетот и негово претставување во општеството. Се укажа и на феноменот на меѓугранично ширење на говор на омраза онлајн. 

Се оцени дека за справување со говорот на омраза е потребно директно и осмислено учество на граѓанското општество, примена на  мерки за градење доверба меѓу заедниците со цел да се подобри и зајакне нивниот однос со маргинилизираните, малцинските и ранливите групи. Се изнесе мислење дека говорот на омраза е одраз на чувства и тоа е чувство на омраза кое преку нашиот наратив прикажува омраза која прави диференцијација помеѓу етничките групи  и промовира поделби во нашето општество кое има традиционална мутиетничка димензија. 

Се потенцира дека проблемот со говор на омраза почнува во семејствата , во сите нивоа на образование од најниските, градинките, до највисоките, заради што се упати на потребата сериозно да заживее Стратегијата за интегрирано образование, а особено проектите за меѓукултурен дијалог или обуки за интеркултурализам.  

Образованието е суштинска алатка за зголемување на интеркултурното разбирање.

На крајот од средбата беше најавено дека во фунција на своевидна евалуација на  активностите на Комитетот на  оваа тема, наскоро би се организирал виртуелен состанок со Директоратот на Канцеларијата на ИРИ во Босна и Херцеговина, на кој би ги објасниле нашите чекори во справување со овој горлив проблем.

Click