Активности

Четврток, 11 февруари 2021

Конститутивна средба на ИППГ за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија   

Денеска, во Собранието, беше основана и промовирана Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија, во која ќе членуваат пратеници од постоечкиот собраниски состав од различни политички партии.

За коодинаторка на Интерпартиската парламентарна група беше избрана  пратеничката Љатифе Шиковска, а за заменик-координатори се избрани пратениците Љупчо Балковски и Игор Здравковски.

На конститутивната средба, претседателот на Собранието, Талат Џафери, имаше поздравно обраќање, во кое изрази безрезервна поддршка за иницијативата за основање на оваа Група, при што говореше за заштитата и унапредувањето на правата на Ромите во земјава.

На средбата присуствуваа и потпретседателите на Собранието, претседателот и членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците, на Комисиjата за еднaкви можности на жените и мажите, на Клубот на пратенички, некои од членовите на неформалните групи, односно на Интерпартиските  парламентарни групи  на Собранието, заинтересирани пратеници, претставници на неколку амбасади, како и претставници на бројни ромски НВО организации.

Коодинаторката Љатифе Шиковска, даде образложение за мисијата, целите и приоритетните полиња на работа на оваа Група. Присутните изразија голема почит кон координаторката и основањето на Групата, и притоа, со оглед на спецификите на ромската етничка заедница како уставно признат конститутивен народ, предложија бројни прашања и актуелни теми, идеи, за расправа за степенот на правата на ромската заедница, можности за подобрување на состојбите, а предлозите би се разгледувале на наредните состаноци.

Ромите се етничка заедница со специфични потреби и проблеми, па во таа смисла е потребно грижата на државата за Ромите да биде како морална обврска и како законски регулирана должност во насока на позитивна промена на сеопштиот квалитет на животот на Ромите и нивна поголема партиципација во општествениот живот во Република Северна Македонија.

Во овој контекст, говорниците ги спомнаа починатите Фаик Абди и Амди Бајрам, како репрезентативни претставници на ромската заедница и посветени и докажани борци за нивните права.

Click