Активности

Вторник, 8 февруари 2022

Надзорна посета на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР

Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, предводена од пратеникот Љупчо Пренџов, вчера оствари надзорна посета во просториите на Агенцијата за национална безбедност.

Претседателот на Комисијата на почетокот на средбата побара информации за тековниот работен ангажман на Агенцијата и проценка на актуелните безбедносни состојби во државата.

Директорот на АНБ, Виктор Димовски, информираше за актуелните безбедносни предизвици и ризици со кои се соочуваме, со посебен акцент на хибридните закани, активностите на планот на контраразузнавањето, спротиставувањето на тероризмот и насилниот екстремизам и виталните економски интереси и финансиска безбедност на државата.

На интерес на членовите на Комисијата, директорот Димовски се осврна на спроведениот реформски процес, прашањата поврзани со просторната дислокација на Агенцијата и одредени легално правни лимити за ефикасно спроведување на надлежностите, како и состојбите со материјално-техничките и кадровски потенцијали на Агенцијата.

Воедно, членовите на Комисијата беа информирани и за дел од актуелните случаи кои беа медиумски експонирани, состојбите и третманот на цивилното население од Авганистан кое со одлука на Владата беше прифатено во државата, изготвувањето на безбедносните проверки, координацијата на работата на институциите од областа на безбедноста, како и за постојните безбедносни проценки и планови при евентуални усложнувања на безбедносната состојба во делови од поширокиот регион. 

Click