Активности

Четврток, 28 Јануари 2021

Обраќање на претседателот Џафери на Обуката за комуникација со граѓани

Почитувани колеги пратеници,
Почитуван Шеф на мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, амбасадор Клеменс Која,
Почитувани претставници на ОБСЕ и почитувани експерти,
Дами и господа,

Дозволете накратко, во мое лично име и во име на моите колеги пратеници присутни на оваа Обука за комуникација со граѓани да изразам задоволство и во исто време и благодарност до амбасадорот Клеменс Која и Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, за овозможување на оваа обука која поради добро познати причини се одвива преку ЗУМ платформа, што секако не ја намалува важноста и потребата од истата.

Потпишувањето на Меморандумот за разбирање во 2018 година помеѓу законодавниот дом и Мисијата на ОБСЕ, како и отвореноста и достапноста на Собранието за сите наши пријатели и партнери кои се насочени кон поддршката и ефективното спроведување на неговата уставна улога на претставнички орган и носител на законодавната власт се повеќе од добредојдени и затоа ниту јас, ниту претседателството,  во ниту еден миг не сме се двоумеле кога станувало збор за прифаќањето на таа поддршка. Секако, за да биде организацијата и функционирањето согласно Уставот, потребно е сите чинители, како што е службата на Собранието, асистентите на пратеничките групи, и се разбира пратениците, да бидат свесни за должноста што ја имаат, да бидат за тоа подготвени и стручни. При тоа, градењето на нивните лични капацитети, ќе значи градење на институционалниот капацитет, со што ќе имаме зголемена ефективност и ефикасност во работата на Собранието и собраниските тела. Во рамките на Меморандумот за разбирање, ОБСЕ се насочи токму на зајакнувањето на претставничката улога преку градење на институционалниот капацитет, како и на инволвираните капацитети, т.е. пратениците, асистентите и советниците.  При тоа, во фокусот беше Парламентарната мрежа за контакт со граѓаните, при што беа отворени 46 канцеларии а неодамна беа опремени 65 од нив со опрема за Информатичка технологија како компјутери, монитори и принтери. Претходно, дадов согласност за обезбедување на финансиски средства со Буџетот за 2021 година за ангажирање до 75 лица од 1-ви јануари 2021 година до 31-ви декември 2021 година, со утврден бруто износ на месечен надоместок за нивната работа.

Почитувани,

Без оглед на тоа што Собранието има отворени врати за граѓаните, неговата работа е транспарентна и се емитува во живо, пратениците имаат свои канцеларии во рамките на објектот во кои можат да примаат и странки, сепак, ништо не може да се спореди со блискоста и достапноста на народните избраници со тие што им го дале легитимитетот, односно граѓаните во Канцелариите за комуникација со граѓаните. Затоа што, чувањето на врската и контактот со изборната единица е најдобар показател за тоа колку сакате и можете да бидете  во тек со реалните тешкотии и конкретните проблеми со кои се соочуваат секојдневно. Поаѓајќи од тоа, да се најде и реално изводливото решение за истите. И јас лично, во ниту еден миг не помислив, ниту пак го покренав прашањето на преселување од мојот дом во Форино и да скратам губење на време на патувањето, затоа што сум свесен дека токму напротив, тоа е време на останување во контакт со реалниот живот и реалните проблеми и нивно подобро сфаќање. Се разбира дека на тој начин ќе може да се исползува и законодавната улога на Собранието, односно, донесување на законски решенија кои вистински ќе го олеснат и подобрат животниот стандард на нашите сограѓани.

Почитувани,

Да се биде пратеник, не значи дека се подразбира и имањето на комуникациски вештини и имањето на ефективна комуникација со граѓаните, тоа не значи и дека се имаат предзнаења за давање изјави за медиумите, јавно претставување на идеите, ставовите и гледиштата. Меѓутоа, тоа секако се учи. Битно е, да се биде начисто со улогата, значењето и тежината на тоа да се биде јавна личност, да се води сметка за јавното претставување, јавно искажаните зборови и ефектот, последиците, позитивните или негативните, кои произлегуваат од непромислени постапки и зборови. Вистината, одмереноста, имањето разбирање и слух за сечиј проблем изискува спремност, посветеност и пожртвуваност. Се разбира, наградата е неизмерна затоа што довербата, задоволството, благосостојбата и напредокот на граѓаните, со тоа и на земјата, немаат цена!

Почитувани колеги,

Ви посакувам успешна обука, многу научени лекции и се разбира, успешно спроведување на дело на наученото!

Ви благодарам за вниманието!

Click