Активности

Четврток, 6 мај 2021 

Обраќање на претседателот Џафери на продолжувањето на Обуката за превод и толкување организирана од Агенцијата за примена на јазикот на РСМ

Почитуван заменик-генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, г. Тахир Хани,
Почитуван директор на Агенцијата за примена на јазикот, г. Илбер Села,
Почитуван Амбасадор на ОБСЕ во Република Северна Македонија, г. Клеменс Која,
Почитувани предавачи од домашните универзитети и од Република Албанија и Косово,
Почитувани учесници на обуката,
Дами и господа,

Имам чест и задоволство што денеска можам да ве поздравам во новите простории на Агенцијата за примена на јазикот на Република Северна Македонија, и тоа, на продолжувањето на следниот настан на оваа Агенција, која, ќе кажам со полна сигурност дека од мигот кога се официјализираше со закон нејзиното основање и почетокот со работа, го оправда своето постоење и продолжува и понатака, со енергија за восхит, да  ги спроведува потребните активности за почитување на законските одредби и уставните права и обврски на сите страни. Дозволете за миг да му честитам на директорот Илбер Села и на сиот кадар на Агенцијата за посветеноста и професионализмот со кој пристапиле на работата и задачите. Ова го направив и минатиот пат, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик кога Агенцијата имаше организирано Меѓународна научна конференција и ова е само уште еден доказ плус дека активноста и динамиката продолжиле и во овие за жал незавидни здравствени услови меѓутоа се разбира, користејќи ги расположливите начини затоа што одговорноста и довербата се исти, додека пак барањата и очекувањата сега се многу посериозни и пооправдани после  завршувањето на периодот на основање, етаблирање и сместување во просториите што нудат непречено одвивање на работниот процес во една институција. 

Сакам исто така да го поздравам амбасадорот на ОБСЕ, нашиот пријател Клеменс Која, кој посветено и искрено ги подржува чекорите на Агенцијата меѓутоа и на сите други институции во Република Северна Македонија.   

Почитувани,

Верувам дека минатиот период беше доволен за Агенцијата да ги собере потребните информации за тоа колку се домашните институции подготвени за примена на Законот за употреба на јазиците и практикувањето на дело на правото за целосно функционирање на мајчиниот јазик.  Што се однесува на Собранието на Република Северна Македонија, верувам дека ви е познато дека е првата институција во која почна да се прави превод на материјалите што се доставуваа до институцијата, што се изготвуваа во Собрание и се доставуваа до пратениците и службата на два јазика. Собранието исто така, беше првата институција каде се вршеше консекутивно и симултано толкување на говорниците на седниците на работните тела и на пленарните седници. Иако почетокот беше многу тежок, затоа што исклучително малиот број на преведувачи без претходна подготовка во областа што требаше да ја покриваат, скромното опремување со речници и немањето обуки во делот на преведување и толкување не беше во нивна полза, повторно, можам да кажам дека со одминување на времето, со стекнувањето на искуство и збогатувањето на софтверот за преведување, се профилираа преведувачи кои успешно одговараат на секојдневните предизвици во Собранието. Се разбира, минатите години се зголеми и бројот на извршители, со помош на подржувачите на демократизацијата на Собранието се опремија со речници и софтвер од најновиот технолошки развој а еве денес, благодарение на Агенцијата за примена на јазикот, продолжува и обуката која, морам да кажам, ќе беше повеќе од добредојдена на почетокот, кога се вработија во Собранието.  Меѓутоа оваа обука, колку што сфатив, освен што ќе биде за преведувачи и за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа и начинот на нивно надминување и решавање на унифициран начин, со изедначена административна терминологија, ќе биде и за една категорија повисоко, односно за лектори и ова ме радува многу. Ова од причина што, покрај правото на употреба на јазикот, треба да се води сметка и за тоа што значи чување, промоција и развој на стандардниот, чист, коректен јазик што ќе биде пример и патоказ за сите оние што на овој или на оној начин допираат до пошироката јавност, имаат влијание врз растот и развојот на новите генерации и најбитното, за олеснување на работата на институциите, преведувачите во институциите и зголемувањето на вредноста на јазикот. Јазикот е жива материја, постојано под влијание на тековите, различните влијанија и затоа треба да се прилагоди, да се модернизира меѓутоа, не и да се претера затоа што, ништо не може да се спореди и да звучи поубаво од чистиот, стандарден а сепак, изворен јазик. 

Дами и господа,

Сега веќе подолг временски период, целиот свет се наоѓа во вонредна ситуација на здравствен ризик, каде здравствените, економските системи и се разбира најзасегнатите, граѓаните, се соочуваат со економски, здравствени и не само со такви предизвици. Всушност, страда целиот начин на живот и функционирање на едно општество. Учење онлајн, предавања онлајн, концерти, театарски претстави онлајн. Ова, уште повеќе ја зголемува потребата од водење сметка за начинот на комуникација, на појавата и јавното претставување затоа што јазикот треба секогаш да се користи убаво и точно и, короната воопшто не ја намалува неговата вредност. Напротив, со колкава одговорност се грижиме за него, толку поголема вредност ќе имаме во очите на нашите сограѓани, во очите на новите генерации. Ова ќе биде во полза на отстранувањето на предрасудите, и во контекст на предностите што ги нуди едно мултиетничко и повеќејазично општество. Да се научиме да се слушаме едни со други, да се научиме да имаме почит едни кон други и кон сета таа целина што го прави еден поединец посебен, неговата етничка припадност, јазикот што го говори, верата на која и припаѓа, социјалниот слој од кој доаѓа, економската состојба, полот, професијата и низа други карактеристики. Ова е најдобриот начин за градење на развиени и напредни општества, современи, европски општества со признаени меѓународни вредности и стандарди кои имаат почит кон основните начела на Универзалната декларација за правата на човекот и Европската конвенција за правата на човекот. 

Почитувани предавачи,
Учесници на обуката,

Ви посакувам успешна и плодна работа и сугерирам да не застанете тука туку постојано да се усовршувате и да ги споделувате новите сознанија на работа и во приватниот живот, затоа што јазикот е нешто што не идентификува и постојано  го носиме со себе.

Ви благодарам на вниманието!

Click