Активности

Петок, 29 Јануари 2021

Обраќање на претседателот Џафери на Работната средба организирана од Државниот завод за статистика  

Почитуван Претседател на Република Северна Македонија, г Стево Пендаровски,
Почитувани Претседател на Влада на Република Северна Македонија, г. Зоран Заев,
Почитувани членови на Владата на Република Северна Македонија, 
Почитуван претседател на ЗЕЛС, г. Петре Шилегов и други присутни градоначалници,
Почитуван директор на Државниот завод за статистика, г. Апостол Симовски, 
Почитувана генерална секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова,
Дами и господа,

Задоволство ми е што денес, во присуство на претседателот Пендаровски, премиерот Заев, надлежните министри, претседателот на ЗЕЛС, г. Шилегов, директорот Симовски и сите други присутни, ја започнуваме оваа фаза од операцијата на официјалната статистика, Пописот на населението, домаќинствата и становите, односно, информирањето и охрабрувањето на граѓаните за важноста и за значајноста од нивното и вклучувањето на сите институции во успешното спроведување на пописот. Тоа, не само што е потребно и неопходно, туку е и од витално значење за идното креирање на развојните политики на земјата, засновани врз прецизни податоци за да може да се направат макроекономски планирања кои ќе бидат од полза и за научните и другите истражувања меѓутоа и за напредокот на земјата. Се разбира, Република Северна Македонија, како полноправна членка на Организацијата на Обединетите Нации, ги почитува обврските што произлегуваат од тоа членство и затоа спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите ќе биде спроведено во согласност со донесените Меѓународни препораки подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат - статистички цели и за тоа, убеден сум дека се направени сите пред подготовки од страна на Државниот завод за статистика, како национален координатор на статистичкиот систем во земјава за спроведувањето на оваа операција, која за жал, во Република Северна Македонија не е реализирана во последниве 20 години, иако имаше обид во 2011 година кој што обид беше прекинат.

Не сакам да навлегувам во дискусија во однос на различните толкувања во однос на тоа дали кај нас, оваа најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција која насекаде во демократски развиените земји е само тоа, статистичка операција, без никаква друга позадина, кај нас се гледа од една поинаква призма, политичка! Дали е тоа така, зошто е тоа така, што доведе до тоа да во нашата земја, секоја постапка, секоја иницијатива, секоја вообичаена законска обврска се гледа низ политичкиот објектив, мислам дека нема да биде воопшто продуктивно и целисходно да зборувам сега за тоа. Затоа што за правата и обврските имаме Устав, имаме важечки закони, имаме ратификувани меѓународни Декларации. И затоа, во едно сум убеден и на тоа ќе инсистирам, Пописот не е и не смее да биде политичка операција. Редно е да се издигнеме над тој порив, редно е да се вброиме меѓу земјите кон чие што друштво и целиме. Во прилог на ова е сериозноста со која сите институции, почнувајќи од Државниот завод за статистика, Министерствата кои за целите на пописот соработуваат со Заводот, Единиците на локалната самоуправа и сите чинители се вклучени во планирањето и подготовката на Пописот кој се рангира како активност од висок државен интерес за кој што во Собранието беше донесен и посебен Закон и врз основа на истиот се спроведува дури и оваа денешна активност на информирање и давање на адекватна поддршка и вклучување на институциите од највисоко ниво. Секоја од нив има и дава огромен придонес во квалитетното спроведување на пописот, а резултатите од истиот ќе бидат одлична основа за донесување на закони и развојни политики засновани врз прецизни податоци кои повторно, ќе бидат од директна полза на граѓаните во единиците на локалната самоуправа, кои што врз основа на прецизни статистички податоци ќе можат да исползуваат доволен удел од буџетот за финансирање на локалните училишта, градинки, здравствени установи, културни установи, јавен превоз, патна, енергетска и друга инфраструктура која е од суштинско значење за граѓаните затоа што токму тие, во нивните секојдневија ќе можат лично и реално да ја почувствуваат успешноста или пак неуспешноста на локалната власт во олеснувањето и подобрувањето на квалитетот и стандардот на живот на нивните семејства и домаќинства. Пописот ќе овозможи рамномерно распоредување на јавните здравствени установи, училишните, спортските и културни центри. 

И затоа почитувани присутни, во овој контекст, од исклучителна важност е секој еден чинител во операцијата наречена Попис, да ја сфати неа со должна почит и сериозност и така и да пристапи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, од инструкторите, попишувачите и последните, меѓутоа најважните, граѓаните. Апелирам до нив да дадат поддршка на лицата ангажирани за пописот, да даваат точни податоци за присутните и отсутните членови на семејствата, да не се обидуваат да дадат неточни податоци затоа што давањето на лажни податоци, освен што е дело казниво со закон, на овој или оној начин, повторно ќе ни се врати на нас самите, како бумеранг. Да смогнеме сили, да го оставиме настрана нашето себично размислување и да се издигнеме над ситуацијата, да ги прифатиме резултатите од пописот и да се поместиме веќе еднаш од таа мртва точка на која сме заглавени со нашиот анахрон ментален склоп за да не дојде ред да правиме попис на иселени и преостанати жители во Република Северна Македонија. 

Почитувани присутни,

Се надевам дека месец април ќе биде потврда за тоа дека сме созреале како држава, после цели 20 години и дека сме спремни да бидеме полноправна членка на Европското семејство во блиската иднина.

Ви благодарам на вниманието.

Click