Активности

Среда, 16 февруари 2022

Образованието - суштинска алатка за зголемување на интеркултурното разбирање

Во рамките на реализацијата на активностите поврзани со меѓународниот проект Говор на омраза како валута на национализмот: институционалeн одговор во Северна Македонија, а во контекст на образованието како суштинска алатка за зголемување на интеркултурното разбирање, Комитетот за односи меѓу заедниците денеска оствари работна посета на СУГС Гимназија  “Јосип Броз - Тито” Скопје.

Работната посета е со цел зајакнување на успешноста на институциите, особено образовните и нивната професионалност, во однос на решавање на проблемот со говорот на омраза.

СУГС Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ - Скопје е основана како Прва скопска гимназија со решение на Президиумот на АСНОМ во 1944 г. Било решено  да се именува со името на претседателот на ФНРЈ Јосип Броз-Тито и оттогаш до денес  го задржува името на Јосип Броз-Тито како свој патрон.

Во СУГС Гимназијата  „Јосип Броз-Тито” - Скопје, воспитно-образовниот процес и наставата се одвива на македонски јазик, а почнувајќи од 1992 година, турските ученици се образуваат на својот мајчин турски јазик. Денес во гимназијата учат ученици и од сите други заедници во РСМ.

Според националниот состав, во Гимназијата има вработени речиси од сите националности во Републиката, а во органите на Гимназијата еднакво учество имаат родителите Македонци и родители од Турската заедница. Целта на училиштето e градење заемна почит, доверба и меѓуетничка толеранција, развивање и формирање на позитивен однос кон национални, интернационални и естетски вредности, поттикнување на позитивни емоции, другарување, социјализација и подобро заемно запознавање,

На работната посета, поради почитување на  протоколите за работа на училиштата во услови на епидемија со Ковид 19, присуствуваа само  претседателката и заменикот на Комитетот, Арбана Пашоли и Енес Ибрахим, како и Мерита Колчи-Коџаџику и Зеќир Рамчиловиќ, членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, кои дадоа поддршка на оваа посета и на идни непосредни посети на образовните институции, на сите нивоа, особено мултиетнички  образовни институции. Говорот на омраза се карактеризира со поларизација и затоа е потребно  негување на практики на превенирање и подигање на свеста на младите преку различни непосредни форми на позитивни кампањи.

Се потенцира дека надминувањето на проблемот со говор на омраза на сите нивоа на образование успешно се решава преку инсталирање на мрежа на контакти, меѓусебна соработка меѓу образовните установи во Градот Скопје, но и на ниво на државата, преку проектите за меѓукултурен дијалог и интеркултурализам во образовниот процес. 

На средбата, директорката на гимназијата, Силвана Кржовска и професорот Орхан Абди, информираа дека во училиштето со индивидуална мотивација на професорите и раководството, се преземаат активности за поголема безбедност на учениците, формирање позитивен однос кон соучениците, сожителство, толеранција и солидарност. Во рамките на наставата функционира проектната активност за мултиетничка интеграција: „Го зборувам јазикот на моето другарче„ и „Мир и толеранција“, чии основни функции се ненасилно однесување и разрешување на конфликтите. Се истакна дека во

Гимназијата учениците од сите националности заедно ги чевствуваат патрониот празник, но и сите верски празници,  дури заедно и со нивните родители.

Гимназијата „Јосип Броз Тито“ - Скопје се залага училишната заедница да биде заедница каде се почитува етничката посебност и сите ученици ќе се чувствуваат добредојдени, безбедни и среќни, ќе можат да учат и да се развиваат преку почитување, еднаквост и недискриминација 

На крајот на работната посета, по краткото присуство на час со ученици од турската заедница, соговорниците се согласија дека оваа средба треба да се продлабочи со посета на ученици и професори на седница на Комитетот, а Комитетот ќе продолжи да одржува комуникациска мрежа и ќе ги охрабрува институциите да ги почитуваат културната и јазичната разновидност во РС Македонија.





Click