Активности

Понеделник, 31 јануари 2022

Онлајн средба на Рашела Мизрахи со израелскиот пратеник Муфид Мари

По повод именувањето на пратеникот во израелскиот Кнесет, Муфид Мари, за претседател на Групата за пријателство со Република Северна Македонија, на негова иницијатива, денеска се одржа онлајн средба со Рашела Мизрахи, претседателка на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Државата Израел.

На средбата присуствуваа и Симона Франкел, амбасадорка на Државата Израел во Република Северна Македонија (резидентна во Ерусалим); Мачеј Качоровски, в.д. амбасадор на Република Северна Македонија во Израел, како и секретарите на Пратеничките групи.

Разговорот мина во срдечна и пријателска атмосфера, а на почетокот Мари изрази особено задоволство од првата виртуелна средба и интерес за состојбата со Ковид пандемијата во нашата земја. Ја истакна особената грижа на Република Северна Македонија кон прашањата на Холокаустот и на зачувување на еврејското наследство како дел од светското наследство на човештвото, при што се заблагодари на поддршката од Република Северна Македонија на Резолуцијата на ОН за борба против антисемитизмот. Посебна благодарност упати на ангажманот на пратеничката Мизрахи на натамошната промоција на овие прашања кои заслужуваат вечно внимание. Споредувајќи го нејзиниот статус како член на влијателна и значајна опозиција, Мари истакна дека и тој како припадник на малцинството на Друзите, е одлично интегриран во општествениот и политичкиот живот на Израел. Ја понуди помошта на Израел како држава во секоја област каде нашата земја има потреба и упати покана до Групата за соработка за посета на Израел во период кога пандемиските услови ќе го дозволат тоа.

Претседателката на Групата го запозна соговорникот со актуелните случувања на планот на справувањето на државата со пандемијата и ја подвлече потребата од споделување на искуствата на Израел, кој покажа врвни резултати во вакциналната едукација на граѓаните, навременото снабдување со потребните дози вакцини и многу високиот процент на вакцинираност. Го информираше својот колега за активностите во земјата на планот на едукацијата на младите и идните генерации да не го заборават споменот на Холокаустот, да се борат против секое негово негирање и секој обид за модифицирање на историските факти. Истакна дека е позитивно тоа што во нашата земја нема антисемитизам и еврејската заедница одлично коегзистира. Со задоволство ја прифати поканата и изрази надеж дека посетите во иднина ќе бидат заемни и со добра динамика.

Соговорниците споделија видувања за механизмите на следните активности на двете групи, кои, со посредство на двете амбасади, би можеле да се одвиваат на месечно ниво преку онлајн средби, во областите на медицинските истражувања, медицинската грижа за децата, жените и во доменот на онкологијата, економијата, високата технологија, загаденоста на воздухот и водите, земјоделието. Идејата е преку разговори со поканети експерти од областите да се придонесе кон согледување на ранливите домени со можностите за конкретна помош од израелска страна.

Во контекст на натамошно динамизирање на меѓупарламентарната соработка, од страна на нашиот в.д. амбасадор Мачеј Качоровски, беше дадена поддршка на сите покренати иницијативи, а беше акцентирана и можноста од продолжување на соработката на највисоко ниво преку заемни посети на претседателите на Собранието и Кнесетот. 

Click