Активности

Четврток, 4 март 2021

Петта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието, на денешната 5. седница, како матично работно тело, во скратена постапка, го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, поднесен од пратениците: Миле Талевски, Кастриот Реџепи, Бедри Фазли, Бајрам Кадрија и Коле Чаракчиев.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претставникот на предлагачите, пратеникот Кастриот Реџепи, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците Здравко Трајанов, Диме Велковски, Исмаил Јахоски, Љупчо Димовски, Бајрам Кадрија и Коле Чаракчиев.

Тие беа согласни за потребата од итно донесување на предложеното законско решение, кое има за цел да се продолжи рокот за откуп на тутунот и да се откупи останатиот тутун, со што ќе им се излезе в пресрет на тутунарите кои сѐ уште го немаат предадено својот тутун.

Во однос на предлогот за линеарно покачување на субвенциите за тутунот, беше истакнато дека ова како предлог ќе биде дискутирано кога ќе се расправа за донесување на петтиот пакет ковид-мерки.

По расправата, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието. 

Click