Активности

Среда, 02 март 2022

Пратеници од Клубот за младински прашања и политики на теренска посета во Куманово

Дел од пратениците од Клубот за младински прашања и политики при Собранието на Република Северна Македонија, на 25-ти февруари 2022 г, одржаа теренска посета за младински прашања во Куманово. Теренската посета е дел од програмата за работа на клубот, чија цел е да се доближат приоритетите на младите до Собранието и да се направи увид во спроведувањето на младинските политики. 

Во рамки на посетата пратеничките Фиснике Бектиши – Шаќири и Сафије Садики – Шаини, кои се членови на клубот, одржаа средба со градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, ги посетија младите во младинскиот центар „Мултикулти“ и одржаа средба со здруженија на граѓани. 

На посетата, пратениците директно се информираа за спроведувањето на младински политики на локални ниво и за потребите на младите во Кумановско. На средбата со Општина Куманово се дискутираше за искуствата од воспоставувањето локален младински центар, плановите за канцеларија за млади, улогата на службеникот за млади и условите во образовните институции. Посетата на младинскиот центар служеше за информирање за моделот на работа и финансирање на центарот, активностите кои се нудат и впечатоците на младите корисници на центарот. Младите на состанокот ги пренесоа своите препораки до пратеничките. 

На посетата се одржа и средба со претставници на граѓански организации кои работат со маргинализирани групи на која се дискутираше за подобрување на позицијата на младите, како и младите Роми и лица со попреченост. На средбата пратениците разговараа со Ивана Стојчеvска од Центар за интеркултурен дијалог – Куманово, Благица Димитровска од Здружение Инклузива  и Ахмет Јашаревски од Центарот за ромска заедница ДРОМ.

Посетата послужи пратениците да зборуваат директно со младите за нивните приоритети но и да се запознаат со успесите и предизвиците при спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики. Оваа посета е прва од повеќе посети каде младите пратеници ќе се среќаваат директно со младите и ќе разговараат за нивните потреби, во нивните средини. Посетата е организирана со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер. 

Click