Активности

Четврток, 25 февруари 2021

Презентација на фискална анализа „Справување со ковид-19: Како трошењето на јавните пари влијае на родовата еднаквост?“

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, денеска имаше поздравно обраќање на презентацијата на родовата анализа под наслов „ Справување со ковид-19: Како трошењето на јавните пари влијае на родовата еднаквост?“.

Настанот беше организиран од Центарот за истражување и креирање полити во рамки на проектот „Мрежа за родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Република Молдавија“, финансиски поддржан од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.

Oваа анализа се фокусира на јавните финансии кои беа определени за реализација на мерките на Владата од првиот, вториот и третиот пакет-мерки за справување со кризата во вкупна вредност од 194,4 милиони € (согласно периодот за кој се прави анализата - од март/април до јули 2020 година) од родов аспект. Користејќи алатки за родово одговорно буџетирање, пред сè родово буџетска анализа на трошоци и родово одговорна оценка на корисниците на мерките, анализата дава детален осврт на родовиот јаз кој се создава со спроведувањето на усвоените мерки, а нуди и научени лекции и препораки кои треба да се спроведат во следниот период, но и по завршување на кризата со Ковид-19.

Во своето обраќање, Сиљаноска-Давкова истакна дека е интересно што пандемијата со Ковид-19 покрена нови прашања и расветли нови димензии на родовата еднаквост. Во меѓувреме осамнаа многу трудови, посветени на овој важен феномен, меѓу кои, според неа, заслужено место има и оваа студија и упати честитки до нејзините автори, како и благодарност за финансиската поддршка на Австриската агенција (АДА) и Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА). Таа изрази жалење што пандемијата доведе до чекор назад во родовата еднаквост.

Во однос на студијата, таа се осврна на она што се нотира во неа и тоа низ призма на дизајнот: од 15 мерки само 2 се родово трансформативни, 9, значи најмногу се родово позитивни, а 4 се родово сензитивни. Всушност, недостигот на родово разделени индикатори оневозможува да се евалуира влијанието на родовиот јаз. Понатаму таа посочи дека 2/3 од ГО што се занимааат со родови прашања, како испитаници, одговориле дека биле минимално/маргинално вклучени, додека 82% од жените испитаници одговориле дека не биле консултирани. Како најслаба точка, таа ги посочи јавните набавки, што се преземале со нетранспарентни постапки и отсуството на ревизорските извештаи.

На крајот од своето обраќање, таа констатираше дека главен проблем е дека наместо инклузивен модел на дизајнирање на мерките, преку консултации и партиципација на заинтересираните и засегнатите и трансформација на состојбите, се постапувало ексклузивно. Таа сугерираше дека нема, а треба да има, одговорност за непочитување на родовата еднаквост на одговорните за располагање со јавните пари, кои се пари и на жените, а не само на мажите, пари кои не смеат да имаат машка боја. 

Click