Активности

Четврток, 17 февруари 2022

Презентиран Извештајот на Европската комисија за 2021 година

Денеска, Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, со која претседаваше претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, ја одржа својата 31. седница, на која на дневен ред беше Извештајот на ЕК за Република Северна Македонија за 2021 година.

Воведно обраќање по Годишниот извештај имаа шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир и заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Во своето обраќање, амбасадорот Гир истакна дека Европската комисија со Извештајот за 2021 година за нашата земја, испраќа силен и јасен сигнал дека кредибилната политика на проширувањето останува да биде клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економски развој во цела Европа.

Во однос на извештајот, рече дека државата продолжува да ги исполнува условите за отворање на пристапните преговори со Унијата и дека Собранието треба да промовира силен консензус за европските прашања, со пошироко вклучување на граѓанското општество во сите случувања.

Вицепремиерот Маричиќ истакна дека во Извештајот се нотира дека државата има постојана и одлучна динамика во имплементацијата на ЕУ реформите, особено во клучните области, како што се владеењето на правото, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Притоа, посочи дека Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за одржување на првата меѓувладина конференција, како и да ги исполнува критериумите за отворање на преговорите. Маричиќ истакна дека одржливоста на овие структурни реформи е долгорочен процес кој претполага континуирана ангажман од Владата, вклучително и на опозицијата и на граѓанските организации и здруженија.

Претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, рече дека ова е важен период за нашите евроинтеграции, особено имајќи ги предвид интензивните разговори со соседна Бугарија.- Притоа, нагласи дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот за стабилизација и асоцијација. Тоа беше посочено и во декемвриски заклучоци на Советот минатата година, кога не добивме зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција, со што ќе ги започневме и нашите преговори по првиот кластер „Фундаменти“, иако имавме позитивна оценка за владеењето на правото, вклучително и во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Во расправата учествуваа пратениците: Жаклина Пешевска, Снежана Калеска-Ванчева, Зеќир Рамчиловиќ, Марија Петрушевска, Халил Снопче, Марија Петрушевска, Гордана Сиљановска-Давкова и Лидија Тасевска.

Во нивните дискусии беа искажани мислења и ставови по однос на Извештајот, во кои беше истакната заедничката заложба и на позицијата и на опозицијата за продолжување на европските реформи, согласно наведените оценки во текстот на Извештајот, при што се нагласи потребата за зголемени напори за подобрување на парламентарната контрола  над Владата во однос на законите со кои се усогласува нашето со европското законодавство. Исто така, се укажа на потребата во иднина да се намали бројот на законите кои се поднесуваат до Собранието по скратена постапка и со ЕУ знаменце.

Врз основа на расправата, потврдувајќи ја определбата за целосно исполнување на политичките и економските критериуми, како и способноста за преземање на обврските од членството во Европската Унија, по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2021 година, Комисијата за европски прашања година ги усвои следните

ЗАКЛУЧОЦИ:

Комисијата за европски прашања:  

1. Го поздрави Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2021 година, како важен документ во кој реално е прикажан постигнатиот напредок и во исполнувањето на политичките и економските критериуми и поглавјата од acquis

2. Ја поздравува констатацијата дека Северна Македонија ги задржува позитивните оценки и ги повикува земјите членки, без натамошно одложување, да се реализира Одлуката за отворање преговори за пристапување со Северна Македонија, донесена во март 2020 година од страна Европскиот совет и што поскоро да се усвои Преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција; 

3. Ја потврдува стратешката определба на сите политички чинители во Собранието за донесување на реформските закони, преку конструктивен и одржлив политички дијалог и дебата во рамките на Собранието, со цел постигнување на широк национален консензус за европската интеграција;

4. Изразува благодарност за финансиската помош од 9 милијарди евра во рамките на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, во форма на грантови и поволни заеми за поддршка на економската конвергенција на Западен Балкан со Европската Унија, со што се испраќа силна порака за поддршка на европската перспектива на Регионот и негов забрзан економски развој;

5. Со содржината на овие заклучоци да се запознаат Собранието на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија и Секретаријатот за европски прашања и истото да биде објавено на веб-страницата на Собранието на Република Северна Македонија.

Click