Активности

Петок, 2 октомври 2020

Прва седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Северна Македонија, на првата денешна седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Годишниот извештај за работата на Агенцијата за пошти за 2019 година;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за автокампови - I читање;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за скијалишта - I читање.

На седницата на Комисијата, во својство на претставничка на Агенцијата за пошти, присуствуваше директорката Билјана Аврамоска-Ѓореска, а во својство на претставник на Владата - повереничката Вјолца Ахмети-Круезиу, раководителка на сектор во Министерството за транспорт и врски.

Директорка Аврамоска-Ѓореска го образложи Годишниот извештај за работата на Агенцијата за пошти, а во дискусијата по истиот учествуваше пратеничката Ане Лашкоска.

Притоа, беше истакнато дека во рамките на своите надлежности Агенцијата презема активности за заштита која се однесува на увид на евиденција на давателите на услугите, во сооднос испраќач и примач. Во однос на можноста за доставување на приговори од страна на физичките лица до Агенцијата, беше речено дека граѓаните можат да ги користат правните лекови кои им се на располагање.

Од своја страна, пак, претставничката на Владата, Вјолца Ахмети-Круезиу, даде образложение по двата Предлог-закона од дневниот ред, нагласувајќи ја потребата за донесување на истите, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со нив.

Во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за автокампови, учествуваше пратеникот Мирослав Богдановски.

Беше истакнато дека предложените измени и дополнувања на Предлог-законот се однесуваат на усогласувањата со новиот Закон за инспекциски надзор и Законот за прекршоците, а за инспекцискиот надзор е надлежен Државниот пазарен инспекторат.

Комисијата за транспорт, врски и екологија, со по 6 гласа „за“ и 4 „воздржани“ по двата Предлог-закона усвои идентичен Заклучок:

  • Комисијата врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија констатира дека Предлогот на законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click