Активности

ПЕТОК, 25 ФЕВРУАРИ 2022

СОБРАНИСКА ДЕЛЕГАЦИЈА НА 21 ЗИМСКА СЕСИЈА НА ПС НА ОБСЕ

Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Игор Јанушев, шеф на делегацијата, Моника Зајкова и Халил Снопче, членови  на Делегацијата, учествуваа на 21-та зимска сесија, што се одржува на 24 и 25 февруари 2022 година во Виена, во хибриден форма.

Со оглед на ескалацијата на кризата во Украина, во работата на Постојаниот комитет доминираа дискусии за руската воена операција во Украина како „неодбранлива“ и „грубо кршење на меѓународното право“. Парламентарците на ОБСЕ побараа итен прекин на непријателствата и враќање на дипломатијата. Околу 28 парламентарци зедоа збор во отворена дебата, при што повеќето изразија јасно противење на Руската инвазија и длабока загриженост за животите на цивилите во Украина.

Шефот на Делегацијата во ПС на ОБСЕ, г. Игор Јанушев, учествувајќи во дискусијата истакна дека силно ја осудува воената акција која Русија ја презема против Украина која неизбежно ќе води кон губење на човечки животи и материјална штета. Во име на граѓаните на Македонија тој искажа солидарност со народот на Украина во овие тешки времиња. Тој истакна дека како земја членка на НАТО се приклучуваме на повикот на Алијансата кон Русија да ги запре воените акции на украинската територија. Ваквиот воен напад е тешка повреда на меѓународното право, вклучувајќи го и Хелшинскиот финален акт и претставува акт на агресија против една независна и мирољубива земја и уште ја потенцираше нашата заложба за деескалација на конфликтот и повика на мирно решание преку користење на активен дијалог.   Претседавачот на ОБСЕ и полски министер за надворешни работи г. Збигњев Рау,

Претседателката на ПС на ОБСЕ, г Маргарета Цедерфелт и Претседателот на австрискиот парламент г. Волфганг Соботка ја повторија улогата на ОБСЕ во олеснувањето на дијалогот и градењето доверба.

Пратениците од целата област на ОБСЕ изразија огромна загриженост за актуелната безбедносна ситуација, при што неколкумина забележаа дека неодамнешните случувања претставуваат голема закана за мирот не само во Украина, туку и во цела Европа. Пратениците во ПС на ОБСЕ истакнаа дека фокусот мора да биде на запирање на ескалацијата на конфликтот и спречување на поширока војна, апелирајќи за враќање на билатералниот и мултилатералниот дијалог и враќање на дипломатијата. 

Исто така, во рамките на сесијата се одржа заеднички состанок на Генералните комисии на кои се разговараше за прелиминарните идеи на известувачите на комисиите за нивните извештаи и нацрт-резолуции што се подготвуваат за овогодинешната Годишна сесија во Бирмингем, Обединетото Кралство. Комитетот за политички прашања и безбедност на ПС на ОБСЕ, со кој претседава американскиот конгресмен Ричард Хадсон, одржа дебата на тема: Зголемени тензии во областа на ОБСЕ и потребата од меѓупарламентарен дијалог.

На маргините на Зимската сесија на ПС на ОБСЕ, пратеникот Игор Јаниушев, оствари средба со амбасадорот Кајрат Абдакхманов, Висок комесар за национални  малцинства на ОБСЕ. На средбата се зборуваше за неодамнешната посета на амбасадорот Абдакманов на Македонија и позитивните импресии како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна држава и напредокот во сите овие 30-на години независност во однос на човековите права и заштитата на националните малцинства. Упати порака следната година кога ќе бидеме земја-претседавач со ОБСЕ, амбициозно да настапиме во подготовките бидејќи ОБСЕ е важен политички форум, а нашата земја може да биде  мост помеѓу Западот и Истокот.

Се разговараше и за одржаниот попис и меѓудругото пратеникот Јанушев истакна дека наскоро се очекуваат резултатите од одржаниот попис во земјата и дека тоа е важна статистичка операции за натамошен развој  на земјата и се надева дека нема да се дозволи политизација на истиот. Во однос на потешкoтиите со кои се соочува нашата земја за отпочнување на преговорите за  членство  во ЕУ, Јанушев ги потенцираше проблемите со кои се соочуваме во однос на бугарските барања во однос на Македонската нација, Македонската историја и историското наследство, Македонскиот јазик и негативните последници кои би можеле да настанат доколку бугарските барања станат дел од преговарачката рамка за отпочнување на преговорите со ЕУ, што би претставувало невиден преседан во ЕУ интегративните процеси и дека како резултат на тоа тој укажа дека довербата на граѓаните кон ЕУ институциите, за жал, е на најниско ниво. Исто така, се разговараше и за статусот и проблемите со кои се соочува Македонското национално малцинство во Бугарија и неопходноста од почитување на меѓународните конвенции за национални малцинства и заштита на основните човекови права.

Двајцата соговорници се согласија дека е потребно во иднина многу поголемо ангажирање на жените во општествениот живот на земјата, а особено на жените - припаднички на националните малцинства.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. 

Click