Активности

Понеделник, 14 март 2022, Стразбур

Собраниска делегација на вонредната пленарна сесија на ПССЕ

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, во состав Дарко Каевски, шеф  Александар Николоски и Арта Биљали-Зендели, членови, учествува на вонредната пленарна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува  на 14 и 15 март 2022 година во Стразбур, Франција.

Имено, сесијата се одржува по одлуката на Комитетот на министрите за суспендирање на правата на застапување на Руската Федерација во Советот на Европа, а како итно барање на сите пет политички групи застапени во Парламентарното собрание, темата за последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина ќе биде главниот фокус на агендата на вонредната пленарна седница,.

Претседателот на Собранието го покани и украинскиот претседател Володимир Зеленски да се обрати пред Собранието преку телеконференција, закажана за в понеделник напладне, а според агендата, пред пратениците ќе се обратат генералната секретарка на Организацијата, Марија Пејчиновиќ-Буриќ и Бенедето Дела Ведова, државен потсекретар на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во име на Италијанското претстедателство со Комитетот на министрите на Советот на Европа.

Одлуката за суспензија на Русија беше донесена од Комитетот на министрите на Советот на Европа на 25 февруари 2022 година, по состанокот на Мешовитиот комитет свикан од претседателот на ПС на СЕ, Тини Кокс, како тело што ги обединува владините претставници и пратениците на Советот на Европа. Потоа, на состанокот на Комитетот на министрите на 10 март 2022 година беше донесена одлука да се продолжи понатаму во насока на исклучување на Русија и во таа смисла да се консултира Парламентарното собрание. Иако оваа консултација не е  задолжителна, таа го покажува единството на статутарните тела на Организацијата наспроти прекршувањето на мирот на европскиот континент со размери без преседан од создавањето на Советот на Европа.

Мислењето на Парламентарното собрание ќе биде дадено на крајот на вонредната сесија, по што ќе следи натамошен состанок на Комитетот на министри на 17 март 2022 година. Тогаш може да се донесе конечната одлука и Русија официјално да биде исклучена од Советот на Европа.

 

Click