Активности

Среда, 26 јануари 2022

Собраниска делегација на зимската сесија на ПССЕ

Од 24 до 28 јануари 2022 година се одржува зимската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, во хибриден формат, односно со физичко присуство во Стразбур и на далечина. Собраниската делегација во состав Дарко Каевски, шеф; Александар Николоски и Арта Зендели, членови; како и Фаница Николоска, заменичка на шефот, на оваа сесија учествуваат онлајн. 

На отворањето на седницата, пратениците го избраа холандскиот пратеник од Обединетата европска левица, Тини Кокс, за нов претседател на Парламентарното собрание, со мандат од една година и можност за уште еден реизбор. На редовната зимска седница беа избрани и дваесет потпретседатели, а   оваа година на Собранието на Република Северна Македонија, по принципот на ротација, му припаѓа едно потпретстедателско место, и таа функција ќе ја извршува новоименуваниот шеф на Делегацијата, Дарко Каевски. Потпретстедателите го менуваат претстедателот кога тој не е во можност да заседава со седницата, а по функција се и членови на Бирото на Собранието – тело кое ги координира активностите на Собранието и на комисиите.

На почетокот на сесијата, пратеникот Александар Николоски беше избран за потпретседател на партиската група на Европските народни партии, најбројната меѓу петте партиски групи застапени во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Според дневниот ред, меѓу темите за кои ќе дебатираат пратениците во текот на петдневната сесија се пактот на ЕУ за миграција и азил од перспектива на човековите права, правото на децата да бидат слушнати како основ на  демократските општества, неделувањето во однос на климатските промени – кршење на правата на децата, присилните исчезнувања на територијата на Советот на Европа и функционирањето на демократските институции во Ерменија, понатаму вредностите во управувањето со фудбалот, со обраќање на претседателот на ФИФА, Џовани Инфантино и за улогата на медиумите во време на криза.

На 27 јануари Собранието ќе го одбележи Меѓународниот ден на комеморацијата во спомен на жртвите на Холокаустот, со учество на францускиот министер за образование, млади и спорт Жан-Мишел Бланкер и видео-говори и видео-пораки од преживеаните. Настанот ќе биде проследен со дебата за Опсерваторијата за наставата по историја во Европа.

Агендата на сесијата опфаќа обраќање на Жељко Комшиќ, претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина и презенетирање на извештајот за активностите на генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ.

На дневен ред се и дебатите за борбата против Ковид-19 со мерки за јавно здравје, како дебата по итна постапка и како дебата за актуелно прашање, темата за неодамнешните предизвици за безбедноста во Европа и за улогата на Советот на Европа.

Click