Активности

Среда, 24 февруари 2021 година

СРЕДБА НА АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ СО РОМАНСКАТА АМБАСАДОРКА АДЕЛА МОНИКА АКСИНТЕ

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, денеска оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Романија во земјава, Н.Е. Адела Моника Аксинте, со која разговараа за европската интеграција на државава, актуелните предизвици во процесот и потенцијалните можности за натамошен развој на соработката.

Пратеникот Николоски ја честиташе новата функција на амбасадорката Аксинте и посакувајќи ѝ успех во мандатот, изрази очекување за интензивирање на билатералната соработка и за споделување на искуства во процесот на интеграцијата во Европската Унија. Николоски ја информираше амбасадорката Аксинте за новиот состав на Националниот совет за евроинтеграции во актуелниот парламентарен мандат, надлежностите на Советот, улогата која треба да ја оствари во текот на преговорите со ЕУ и одлучувањето со консензус.

Романската амбасадорка Аксинте изрази благодарност за поканата за средба, со очекување за одлична идна соработка, како и целосна поддршка за почеток на пристапните преговори за членството во ЕУ. Моделот на функционирање на тело како Националниот совет за евроинтеграции, амбасадорката Аксинте го оцени како многу добар и исклучително корисен при градење на потребниот консензус меѓу клучните општествени чинители во процесот на европската интеграција.

„Ја имате поддршката на Романија и подготвеноста да се сподели искуството за повеќе поглавја веднаш штом започнат преговорите со ЕУ” - истакна амбасадорката Аксинте.

Двајцата соговорници во отворена и пријателска атмосфера разменија мислења за актуелните состојби за почетокот на пристапните преговори и се согласија за неопходноста од спроведување на клучните реформи во процесот.

Click