Активности

Понеделник, 28 февруари 2022

СРЕДБА НА АНТОНИЈО МИЛОШОСКИ СО ДЕЛЕГАЦИЈА НА СЛОВЕНЕЧКИОТ ДРЖАВЕН ЗБОР 

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со Делегација на Комисија за надворешна политика на Државниот збор на Република Словенија, предводена од Моника Грегорчич, шеф на Делегацијата.

Во составот на Делегацијата беа и Ник Пребил, член на Комисијата и Катја Јерман, секретар на Комисијата. Во придружба на Делегацијата беше Н.Е Милан Предан, амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија и Татјана Ковачич, заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на Република Словенија во Република Северна Македонија.

Милошоски се осврна на пречките кои стојат на патот кон формално отпочнување на пристапните преговори со Унијата, потенцирајќи го, пред сѐ, проблемот што беше наметнат од страна на Република Бугарија. Во таа насока, истакна дека е апсурдна блокадата на Република Бугарија кон евроинтегративните процеси на нашата земја.

Грегорчич искажа интерес во однос на актуелните политички случувања, при што даде целосна поддршка за европската интеграција од страна на Република Словенија. Во своето обраќање, таа се осврна и на можностите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и зголемувањето на инвестициите.

На средбата беа размените мислења и ставови околу актуелната политичка состојба во државата, но и перспективата на Западниот Балкан.

Во дискусијата се вклучија и пратениците Моника Зајкова, Марија Петрушевска, Арта Билали-Зендели и Лидија Тасевска.

На средбата беа опфатени перспективите, како и можностите за продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји, а беа разменети мислења и за состојбите во Регионот, со осврт на актуелните случувања во Украина.

Соговорниците разговараа и за предизвиците со кои се соочуваат двете држави со евроскептицизмот. Имено, одолговлекувањето на отворањето на преговорите со Македонија оди во прилог на евроскептиците. Исто така, беше потенцирано дека е неопходно да се одржува волјата на граѓаните за членство во ЕУ, со оглед на тоа што нашата земја веќе подолг период чека да ги отпочне пристапните преговори.

На крајот од средбата, Милошоски ја поздрави континуираната поддршка од Словенија и нагласи дека очекува продолжување и динамизирање на меѓусебната парламентарна соработка на ниво на парламентарните комисии. 



Click