Активности

Вторник, 2 март 2021

Средба на Комисијата за економски прашања со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач

Претседателот на Комисијата за економски прашања на Собранието, Диме Велковски; членовите Панчо Минов и Коле Чаракчиев и заменик-членот Марија Георгиевска, денеска учествуваа на виртуелен состанок со Јанез Копач, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница. Состанокот беше посветен на предизвиците со кои се соочува Република Северна Македонија на патот кон европската енергетска интеграција.

Велковски изрази благодарност за поддршката којашто ја дава Секретаријатот на Енергетската заедница за имплементација на законодавството во делот на енергетиката во нашата земја. Изминатите неколку години, Република Северна Македонија направи значајни реформи во законодавството во делот на енергетиката во насока на имплементација на Третиот енергетски пакет.

Имено, во месец мај 2018 година, беше донесен новиот Закон за енергетика којшто е усогласен со европското законодавство и со кој се овозможи либерализација на пазарот на електрична енергија, а во почетокот на 2020 година беше донесен и Законот за енергетска ефикасност. На крајот од 2020 година беше донесен и Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, со што се создава можност за започнување со процесот на либерализација на пазарот со гас.

Велковски ја истакна и значајната улога која ја има Парламентарниот пленум на Енергетската заедница во спроведување на реформите во делот на енергетиката. Преку состаноците на Парламентарниот пленум кои се одржуваат двапати годишно, пратениците се стекнуваат со можност да разменуваат идеи и искуства во делот на енергетиката кои се применуваат во договорните страни на Енергетската заедница.

Копач изврши презентација за сегашните и идни предизивици со кои се соочува Република Северна Македонија на патот кон Европската енергетска интеграција. Тој истакна дека Секретаријатот на Енергетската заедница дава поддршка на договорните страни во имплементација на европското законодавство во делот на енергетиката. Во однос на Република Северна Македонија, Копач изрази задоволство од степенот на имплементација на енергетското законодавство, особено во делот на електричната енергија. Имено, после донесување на новиот Закон за енергетика во 2018 година се изврши раздвојување на мрежните оператори за пренос и дистрибуција на електрична енергија, либерализиран е пазарот на електрична енергија.

Во делот на пазарот со гас, позитивно беше оценето донесувањето на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, меѓутоа потребно е да се преземат мерки за развој на конкуренцијата на пазарот со гас и да се изврши интерконекција со Република Грција за гасно поврзување додека се гради гасоводниот систем.

Во делот на обновливите извори на енергија, беше истакнато дека иако Република Северна Македонија како таргет имаше поставено дека до 2020 година учеството на обновливите извори на енергија ќе изнесува 23%, сепак во 2019 година учеството изнесува 16,1%. Се изрази надеж дека со преземените инвестиции во делот на обновливите извори ќе се постигнат поставените цели. Република Северна Македонија направи значаен напредок со донесување на Законот за енергетска ефикасност со кој се изврши транспонирање на најновите директиви за енергетска ефикасност. Недостаток претставува недоволниот институционален капацитет, односно непостоење на доволен број на експерти за енергетска ефикасност во Министерството за економија кои ќе придонесат за повисок степен на енергетска ефикасност.

Во делот на заштитата на животната средина, Копач истакна дека се потребни значителни инвестиции како што се вградување на соодветни филтри за најголемите загадувачи и транспонирање на одредени директиви.

Во делот на климата, беше истакнато дека е подготвен Нацрт-закон за климатска акција, кој е поднесен на разгледување до Секретаријот на Енергетската заедница и е доставен до заинтересираните страни. Република Северна Македонија е прва земја од договорните страни на Енергетската заедница која има изработено драфт-верзија на Националниот план за енергија и клима и кој е доставен до Секретаријатот за разгледување во 2020 година. После формалното разгледување од страна на Секретаријатот, конечната верзија на Националниот план за енергија и клима треба да биде усвоена од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Членот на Комисијата, Панчо Минов, истакна дека со донесување на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје се создаде можност за отпочнување на либерализација на пазарот на гас, со што бенефит ќе имаат и граѓаните и компаниите. До директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница беше поставено прашање кои можности стојат на располагање за финансиска поддршка за реализација на гасоводната инфраструктура.

Копач истакна дека покрај кредитите кои ги дава Европската инвестициона банка, на располагање е и Фондот на ЕУ за земјите од Западен Балкан за реализација на инфраструктурни објекти со капитал од 9 милијарди евра. Услов за да се аплицира за овие средства е државната компанија Македонски енергетски ресурси да добие сертификат од страна на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија и од Секретаријатот на Енергетската заедница за правна раздвоеност на преносот и дистрибуција на гас.

Click